Американскиот кошаркар верува дека во Гевгелија може да биде прекината мини-серијата од два пораза во пресрет на клучниот дел од сезоната Настапот во Супер-лигата (во пресрет на доигрувањето што ќе стартува следниот викенд) ќе биде заокружен со утрешното гостување на Пелистер во Гевгелија против екипата на Кожув (18 часот).
-“Пелистерци“ без оглед на исходот на овој дуел ќе ја завршат Супер-лигата како третопласирани, но тоа не значи дека без мотив ќе патуваат во Гевгелија. Пред се, желба на сите во тимот е да се реваншираат за неочекуваниот пораз во Битола во првиот круг од натпреварувањето. Покрај тоа, „зелено-белите“ се решени да ги остават зад себе разочарувањата од претходните две средби со ТФТ и со Тиквеш и со добра игра да ја вратат победничката хемија во тимот во пресрет на доигрувањето.
-Разочарани сме од исходот на последните средби, особено бидејќи во долги периоди и на двете средби имавме водство и контрола над играта, но скапо плативме за падот во последната четвртина. Тоа нека биде лекција за неделниот меч со Кожув, секако дека можеме до триумф, но најважно ќе биде да одиграме добри 40 минути и да не ни се случуваат преголеми осцилации. Го почитуваме противникот кој е квалитетен, но искрено верувам дека се ќе зависи од нашето издание, како во нападот, така и во одбраната, вели Брендан Џенкинс во пресрет на неделниот натпревар.











