Пелистер – ТФТ 105:69
Пелистер го одигра најдобриот овосезонски натпревар откако вечерва на домашен терен го декласираше тимот на ТФТ со убедливи 105-69. Скопскиот суперлигаш пристигна во Битола како лидер на табелата, но тоа беше само мотив плус за „зелено-белите“ да одиграат импресивни 40 минути со кои потврдуваат дека Пелистер се наоѓа во топ-форма за клучниот дел од сезоната.
Пелистер првпат се одлепи на 15-8 со забивањето на Вилсон, ТФТ возврати до 15-13, но тоа беше се што скопјани успеаја да сторат на овој натпревар. Следеа пет поени во низа на Малешевиќ, по што во ритам влегоа сите кошаркари во зелено-бело, предноста се зголемуваше и преку Лука Стојановски стигна до првата двоцифрена позитива (25-15). Првата четвртина заврши во знакот на Вилсон и неговите седум поени, па Пелистер ги заокружи овие десет минути со предност од 32-17.
Вториот период почна со тројка на Крстевски, по што Вилсон донесе позитива од „плус 20“ (37-17). Нападот на Пелистер во ова прво полувреме функционираше беспрекорно, шутот од далечина беше речиси перфектен, па разликата се зголемуваше од минута во минута, за со поените на Брејси Дејвис, Митревски и на Вилсон во финишот, на одмор се замина со преубедливи 66-37.
Победата практично беше осигурана со овие 20 фуриозни минути, а огромната разлика се одрази врз фокусираноста на кошаркарите на Пелистер во второто полувреме. Третата четвртина донесе бројни промашувања на двете страни, гостите го добија овој период со 12-16, по што последните 10 минути минаа во рутинско одружување на убедливата предност.
Шанса во последниот период добија и капитенот Најдовски и останатите млади играчи во таборот на битолчани, Пелистер го доби овој дел од мечот со убедливи 27-16, триумфирајќи заслужено со убедливи „плус 36“.
Вилсон и Брејси Дејвис ги предводеа стрелците со по 20 поени, 18 поени постигна Џенингс, додека Малешевиќ оствари дабл дабл од 11 поени и 12 скокови. Двоцифрен ефект имаа и Лука Стојановски со 12 и Андреј Митревски со 10 поени за Пелистер.









