Press "Enter" to skip to content

Утре “второ“ полуфинале во Битола, Стајиќ: сакаме реванш, па мајсторка нека одлучи…

Кошаркарите на Пелистер мора експресно да го остават зад себе поразот од првиот меч со МЗТ Скопје и максимално фокусирании да влезат во вториот дуел од оваа полуфинална серија што е на програмата в недела, утре во Битола.  Домашниот терен и поддршката од верните навивачи во салата „Боро Чурлевски“ ќе биде значаен адут во битката за победа, а кошаркарите се решени да прикажат уште подобра игра од онаа во „Јане Сандански“ во средата.

Според искусниот Бобан Стајиќ, брзата игра е она што може да му донесе на Пелистер позитивен резултат на неделниот натпревар. Искусниот плејмејкер верува во добра игра и позитивен резултат на Пелистер на неделниот втор меч од полуфиналето против МЗТ Скопје.

-Може да се каже дека одигравме добар натпревар и во Аеродром, но за жал беше недоволно за триумф. МЗТ беше поприсебен во завршницата и тоа го одлучи натпреварот. В недела е нов меч, а ние сме решени да дадеме се од себе да стигнеме до триумф. Знаеме дека брзината е нашата предност и треба да продолжиме да играме така. Исто така, мораме да го градиме нашиот кош многу подобро од претходниот меч, да спречуваме офанзивни скокови на противникот и истовремено да ја отвораме нашата транзиција. МЗТ го одбрани домашниот терен, на нас е да го сториме истото и да се избориме за мајсторка, која ќе го одлучи патникот во финалето, вели Стајиќ.

Вториот натпревар од полуфинална серија меѓу Пелистер и МЗТ е закажан за недела со почеток во 18 часот.

More from ВестиMore posts in Вести »