Вечерва во Битола во Офицерскиот дом во Битола беше одбележан Денот на државноста на Република Хрватска, а настанот го организираше хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ“ од Битола, кој редовно по разни поводи организира вакви средби на кои се промовира хрватската култура во Битола.
На ова одбележување присуствуваше Рајко Периќ, воено аташе во Амбасадата на Хрватска во Македонија за Македониј, Албанија и Косово, членови на хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ“, Хрвати кои живеат во Битола, љубители на хрватската култура и други битолчани.
Во име на домаќинот, хрватскиот културен центар “Марко Марулиќ“, на гостите им се обрати координаторот на центарот Бранко Маретиќ, која рече дека и оваа година во Битола се прославуваат Денот на државноста, на ден кој е многу значаен за Хрватска и Хрватите, без разлика каде се наоѓаат.
-Посебно ми е задоволство и чест да ве поздравам и оваа година кога го организираме ова дружење, заедно со институциите и поединците кои се наши пријатели. Сакам да ги поздравам претставниците на амбасадата на Република Хрватска во Македонија, градоначалникот на Новаци, претставниците од католичката црква “Срце Исусово“, ченовите на управата на клапа “Клапа Цетињани“ од Далмација… Денот на државноста на Хрватска е значаен датум, а секако значаен датум е денот кога Хрватска станува член на Европската Унија. Ги славиме првите 36 години независност на модерна Хрватска, членка на ОН, ЕУ и НАТО. Се потестување на денот на конституирање на Саборот, 30 мај 1990 година, рече Бранко Маретиќ и додаде:
-Без да ја познаваме сопствената историја и корени, ниедна самосвесна нација не успеала да преживее на историската сцена. Затоа, особено се сеќаваме на улогата на бранителите во Татковинската војна и на првиот претседател, д-р Фрањо Туѓман. Тој чин беше првиот чекор во враќањето на хрватскиот народ и неговата држава кон европската цивилизациска, политичка, културна и економска традиција. Нашето Здружение “Марко Марулиќ“, е основано кратко по таа историска 1990 година, во 1994 година, фокусирајќи се првенствено на културни активности и зачувување на националниот идентитет, јазик, култура, уметност, фолклор, музика, но и духовните вредности на хрватската нација, негувајќи и развивајќи ги хрватско-македонските врски и меѓусебните односи меѓу двата пријателски народа. Се надевам дека ќе продолжиме со вакви средби, но и со нови, со реализација на новите проекти помеѓу двете држави, посебно на културни активности, кои веќе и ги имаме со поврзување на градовите на двете држави.
-Денот на државноста на Хрватска е еден од најзначајните за хрватската понова историја. Оваа година Хрватскиот културен центар го одбележува во два дена: со музичка вечер денес во соработка со Културниот и информативен центар и театарска претстава во соработка со Центарот за култура Битола. Годинешната манифестација е во рамките на Неделата на Хрватите која Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Република Хрватска во соработка со Хрватската матица на иселеници ја организираа за прв пат оваа година како начин на поврзување на Хрватите ширум светот, рече Неда Маретиќ од културен центар “Марко Марулиќ“.
-Културните посети и соработки на Хрватскиот културен центар траат повеќе години, односно над 30 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција. Оваа година сме горди на повеќе проекти: гостувањето во Сплит, како дел од меѓународната конференција “Современи пристапи во обликувањето на библиотечните простори за деца и млади“, во рамките на која се потпишаа Меморандуми на соработка со Градската библиотека „Марко Марулиќ“ од Сплит, Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ и Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, додаде Неда Маретиќ.
Клапското пеење е заштитено од Унеско, како нематеријално културно наследство. Препознатливиот далматински мелос, во Битола го пренесе далматинската клапа „Цетињани“ – здружение клапа Хрваце од Хрватска, под уметничко раководство на Јулија Галиќ. Претседател на здружението е Јошко Галиќ.
Како специјални гости ќе настапат учениците од Државното музичко училиште – Битола Јан Неќак- баритон, во класата соло пеење кај проф. м-р Маја Митровска. Теона Ванеска -пијано во класата на проф Јана Четелева – Белевска – Вардаре Т.Прокопиев Теона Ванеска: Чајковски.

На вториот ден од одбележувањето на Денот на државноста утревечер кога во Центарот за култура ни гостува театарот од Сињ, Хрватска со комедијата „Вај – Фај”. Претставата е работена по текст на Мирољуб Недовиќ, а под режисерската палка на Жељко Вицулин.
Текст и фото: С. Ристевски






