-Фотографиите од Крани направени пред десети години зборуваат повеќе од илјада зборови. Тие сведочат за едно време кога плажата беше уредена, со лежалки, чадори и шанк покрај самото езеро, а водата на Преспанското Езеро беше значително надојдена. Во тие години, илјадници битолчани и посетители од поширокиот регион доаѓаа во Крани за да уживаат во природните убавини на Преспа, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство, кога му ги прикажавме фотографиите од 2016 година.
Малку се местата кои на неколку стотини километри нудат ваква природна хармонија – езеро, плажа и планина на дофат. Со својата надморска височина и чист воздух, Преспа со децении важи за вистинска воздушна бања. Токму затоа голем број летувалци го избираа автокампот Крани, со кој стопанисуваше ресторанот „Капри“, за одмор и рекреација.
Многумина од нив доаѓаа не само заради убавините на езерото, туку и заради благотворното влијание на климата врз здравјето. Воздухот и природната средина им помагаа на луѓе кои се соочуваа со заболувања на срцето, крвните садови и белите дробови.
Во летните денови, посетителите уживаа во сончањето и капењето на песочната и плитка плажа, идеална и безбедна за најмладите.
Така беше со години, се додека долгите сушни периоди не предизвикаа повлекување на водата. Езерото се оддалечи од плажата и шанкот, а сликата која со децении беше препознатлива за Крани постепено исчезна.
Но, природата повторно покажа дека знае да изненади. По обилните врнежи во изминатиот период, на радост на жителите и туристите, Преспанското Езеро повторно се доближи до брегот и речиси ја достигна позицијата што ја имаше во 2016 година.
Од 2024 и оваа 2026 година Автокампот Крани го стопанисува нов сопственик, кој вложува значителни напори за негово уредување и модернизирање. Големи промени се забележуваат и на плажата, која е под концесија на двајца млади ентузијасти. Оние што престојуваа тука минатото лето добро знаат дека секојдневно работеа на нејзино одржување, и покрај тоа што езерото од ден на ден сè повеќе се повлекуваше.
Тие изградија шанк со освежителни пијалаци по пристапни цени, поставија лежалки и чадори и создадоа пријатен амбиент за посетителите. Во текот на летната сезона организираа забави и музички настани покрај едно од најубавите зајдисонца на Преспанското Езеро. Благодарение на нивната посветеност, и покрај нискиот водостој, плажата беше посетувана од голем број туристи и љубители на природата.
Годинава, со враќањето на водата поблиску до брегот, оваа плажа добива сосема нов изглед. Посетителите ќе можат да уживаат во уште поубава, почиста и подобро организирана плажа, која повторно го враќа препознатливиот шарм на Крани и на овој дел од Преспа.
Ова лето спомените повторно оживуваат. Не само преку старите фотографии, туку и преку новата слика на езерото кое се враќа таму каде што припаѓа. А нашиот фотообјектив ќе продолжи да ги бележи овие моменти, создавајќи нови фотографии кои ќе сведочат за природните промени и убавината на едно од највпечатливите места во Македонија.

Деновиве пред 10 години: “Крани“ во 2016 кога со него стопанисуваше “Капри“ од Битола (фотогалерии)
More from БитолаMore posts in Битола »
- Најубава чкембе чорба направија и освоија прво место моторџиите од “Конзули“, Гран-при за “Корзо“ на првиот “Чкембе фест Битола 2026“ (фотогалерија)
- Започна првото издание на “Чкембе фест Битола 2026“, готвачи од Македонија, Турција и Унгарија утре ќе прават чкембе чорба (фотогалерија)
- Битола ја добива манифестацијата која и прилега “Чкембе фест“
- Деновиве пред 10 години: Во Новаци примовирана мобилна туристичка апликација (фото)
- Деновиве пред 10 години: пробивање и комплетна инфраструктура на “Широка“ во Битола (фото)
More from ВестиMore posts in Вести »
- Битола и Виченца: успешна графичка приказна “Огледало – очи в очи“ во галеријата “Ранко Струмениковски“
- Благој Димитриев: да ги исправиме грешки и да го изненадиме Работнички
- Во Битола променливо облачно со сончеви периоди, температурата до 18 степени
- “Патот станува место“ изложба на Ангела Каранфилова и Кристина Таневска (фотогалерија)
- Еурофарм Пелистер до лесни бодовите во Прилеп










