Press "Enter" to skip to content

Донесен Законот за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на УКЛО

Со особена чест и задоволство ја информираме јавноста дека на пленарната седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 11 јуни 2026 година, едногласно беше донесен Законот за основање Факултет за медицински науки и здравство во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Со донесувањето на овој закон, Високата медицинска школа – Битола прераснува во Факултет за медицински науки и здравство, со што Универзитетот добива нова факултетска единица и отвора ново поглавје во развојот на медицинското и здравственото образование во државата.

Оваа одлука претставува значаен исчекор во унапредувањето на високото образование и историски момент за развојот на сестринската и акушерската професија во Република Северна Македонија. По повеќедецениски напори и континуирана работа, медицинските сестри и акушерките добиваат можност за целосен академски и научен развој во рамките на сопствените професионални области.

Во рамките на својата дејност, Факултетот ќе реализира четиригодишни академски студиски програми за медицинска сестра, акушерка и медицински биохемичар, како и тригодишни стручни студиски програми за медицинска сестра/техничар, акушерка, медицинско-лабораториски аналитичар, радиолошки технолог, физиотерапевт и санитарен инженер. Запишувањето на првата генерација студенти на академските студии е предвидено за академската 2027/2028 година.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола изразува искрена благодарност до министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, за нејзината поддршка и заложба за развој на високото образование, како и до сите пратеници кои ја препознаа важноста на ова законско решение и едногласно го поддржаа неговото усвојување.

Денешниот успех е резултат на долгогодишната визија, посветеност и работа на ректорот проф. д-р Игор Неделковски, Ректорскиот колегиум на УКЛО и работната група за подготовка на проектот за основање на Факултетот, предводена од проф. д-р Гордана Ристевска Димитровска.

Традицијата на високо образование за медицински сестри на национално ниво, започна во Битола во 1988 година. Денес, речиси четири децении подоцна, таа традиција прераснува во факултет кој ќе создава нови генерации здравствени професионалци, истражувачи и академски лидери, придонесувајќи за развојот на здравствениот систем и општеството во целина.

Честитки до сите сегашни и поранешни наставници, соработници, студенти, дипломци и поддржувачи кои беа дел од ова историско достигнување.

Од Висока медицинска школа до Факултет за медицински науки и здравство – 38 години традиција, посветеност и визија преточени во историски успех.