-Во живописниот амбиент на Ниже Поле, кај Битола, се одржа четврто издание на детската „Trailko“ трка на која учествуваа 160 натпреварувачи на патека од 100 до 400 метри.
-Поделени според возраст и пол од 5 до 12 години, малите натпреварувачи се тркаа во категории т.н – „зајаци“,, „верверички“, „лисици“ и „срни“.
-Посебна атракција беше категоријата за родители, која привлече голем интерес и дополнително ја збогати атмосферата.
Тимот на „Pelister Unique Trail Marathon – PUTM“, во организација на здружението „PELXTR – Pelister Xtreme Trail Running“, и оваа година по четврти пат создадоа настан што ги обединува спортот, природата и семејните вредности. Со максимална грижа за безбедноста на сите учесници, трката беше организирана на внимателно маркирана патека на ски-центарот Ниже Поле, со што на најмладите им беа овозможени идеални услови за натпреварување.
-Оваа година имавме четири детски категории и трката за родители. Задоволни сме што интересот расте од година во година и што сè повеќе семејства ја препознаваат вредноста на ваквите спортски настани. Со голема возбуда и натпреварувачки дух малите натпреварувачи ги совладуваа планинските предизвици, покажувајќи упорност, храброст и љубов кон спортот, изјави Ненад Лазиќ, директор на „Pelister Unique Trail Marathon – PUTM“.
Иако кај некои од најмалите имаше и по некоја солза при прогласувањето на победниците, родителите трпеливо објаснуваа дека вистинската победа е учеството, трудот и желбата да се биде подобар од вчера.
За најбрзите беа обезбедени уникатни награди, но секое дете доби медал како спомен на денот исполнет со спорт, дружење и нови пријателства. Сепак на крајот, сите беа победници – со медали околу вратот, насмевки на лицата и сладоледи од „Цермат“ во рацете.
Додека децата трчаа по планинската патека, родителите со гордост и возбуда ги бодреа од страна, потсетувајќи ги дека најважно е да се стигне до целта, без разлика на резултатот. Токму во тие моменти се раѓаа највредните животни лекции – истрајност, самодоверба и вера во сопствените можности.
-Најважно е децата да научат да не се откажуваат и да ја сакаат физичката активност. Спортот ги учи на дисциплина, упорност и здрави животни навики. Ние родителите сме тие што треба да го покажеме примерот, вели Ивана Карајанова, која годинава учествуваше и во трката која беше организирана за родителите.
Настанот беше збогатен со музичка програма, детски игри и многу забава. Евент-водителот Марко Новевски, во свој препознатлив стил, постојано ги мотивираше најмладите учесници, внесувајќи дополнителна енергија и позитивна атмосфера.
Во прекрасниот планински амбиент, каде што природата и спортот совршено се надополнуваат, детската „Trailko“ трка уште еднаш ја испрати најважната порака – љубовта кон движењето, спортот и здравиот живот се гради уште од најрана возраст.
Ниже Поле денес не беше само место за натпреварување. Беше место каде што се создаваа спомени и се раѓаа нови мали спортски приказни.
Жанета Ристевска
Фото: Дамијана Ристевска










