Приказната на МИНИ ТРЧАЈ БЕ не заврши со минувањето низ целта. Напротив, токму сега започнува нејзиното најважно поглавје. Во организација на Атлетскиот клуб Олимп започна едномесечната бесплатна атлетска школа, наменета за сите деца кои учествуваа на годинашното издание на МИНИ ТРЧАЈ БЕ. Целта е љубовта кон движењето, спортот и здравите навики да продолжи и по денот на трката.
Тренинзите ги водат тренерот Димитар Петровски, професорката по физичко воспитување Цаци Здравевска и стручниот тим на Атлетскиот клуб Олимп, во кој е и долгогодишниот тренер Демир Даутовски.

Првиот тренинг веќе донесе многу насмевки, детска енергија и желба за нови спортски предизвици, а во текот на наредниот месец децата ќе имаат можност преку игра, дружење и професионално водени тренинзи да ги направат своите први посериозни атлетски чекори. МИНИ ТРЧАЈ БЕ од самиот почеток има јасна мисија, да поттикне што повеќе деца да го засакаат спортот и активниот начин на живот.
Бесплатната атлетска школа е природно продолжение на таа идеја и можност најмладите да откријат нова страст, да стекнат самодоверба и да создадат здрави навики кои ќе ги следат понатаму. По завршувањето на бесплатниот едномесечен циклус, сите заинтересирани деца ќе можат да продолжат да тренираат во Атлетскиот клуб Олимп, најтрофејниот атлетски клуб во Македонија, со повеќедецениска традиција, бројни државни шампиони, репрезентативци и врвни спортски резултати.
Родителите чии деца учествуваа на МИНИ ТРЧАЈ БЕ, а сè уште не се приклучиле на бесплатната школа, можат да испратат порака преку социјалните мрежи на Атлетскиот клуб Олимп и да станат дел од оваа убава летна спортска приказна.










