Бела чума, депопулација, демографска екстензија, намален природен прираст, или попросто речено, испразнети па и напуштени села, помалубројно градско население, исчезнати семејства кои фатиле неврат во туѓина пуста јабана, како што испејал народниот гениј. Со поегзактна емпирија, барем за Битола и овој југизападен регион, од Општина со над 120. 000 жители сега одвај можат да се натокмат осумдесет илјади, претежно средовечна или повозрасна популација. Во Битола тешко се наоѓа мануелна работна рака на ѕидари, плочкари, молери, бербери, келнери, електричари, дограмаџии, водоводџии итн., а некои занаети сосема исчезнаа.
Сега, има еден куп скоро или целосно напуштени села во Пелагонија, во Потпелистерието, Мариово, Демир Хисар … Гопеш, Маловишта, Ѓавато, Сович, Ивени, Илино, Велмевци, Црско и да не редиме понатаму.
Феноменот на исселувањето, кое повеќе од еден век е нарекувано “печалбарски крај“ значи прекин на континуитетот и исчезнување на една “лоза“, па и неминовно исчезнување на говорот, обичаите, песните и колективната меморија во селата, но и во Битола. Ете, хипотетички, пред некое време го одбележавме раѓањето Свети Јован Претеча или кај нас познато како Тајане Бојане. Се сеќава ли некој кои песни се пееја по битолските сокаци и чикмаци од дробните дечиња кои одеа од куќа на куќа? Секако, малкумина.
Оваа слика, покрај општествените, материјалните, социолошките, политичките, културолошките и другите демографски феномени и процеси, има една стара и малку позната детерминанта што полека се вгнездувала, особено во селата. Јас ја нарекувам глуво семе, а народниот гениј, па и некои автори ја допреле малку поинаку.
По селата во Регионот има и имало еден куп ергени, неоженети, некои сега престарени и догрувани. Некаде се правдале дека не можат да најдат жени, некаде дека не сакале да им дојдат во далечните села и поради сиромашната аргатска работа итн. Кога Мала Преспа во Албанија беше во најтешка материјална криза после изолацијата, од Подградец, Шулин, Туминец, па дури и Албанки од околината на Скадар, дојдоа и свија семејно гнездо, некои успешно, а некои не. Но, сепак, сликата останува. Во Буково, приградско село, бројот на неожените ергени беше голем, а некои сега се пензионери и чмаат во баналното секојдневие. Во Брод покрај Црна река исто така, Скочивир и Добровени речиси се напуштени, Сович е целосно празно. Во Големо Илино, во една прилика, ги видов еден куп како седат пред кооперација и пијат пиво, без работа и чекајќи леб од земјоделската пензија на престарени родители. За Мариовскот крај да не зборуваме, како за Ивени, Гнилеш…
Симболиката и метафорите, вака или онака, како генеза и визија што трае со децении, опишани се во народната традиција. Кој ли не се сеќава на Марко Цепенко и култната, но крајно слоевита приказна за Силјан Штркот. Немам намера да ја прераскажувам, но со фантастиката и метафорите во неа, со желбата Силјан да замине (да одлета) и да се врати, со штркот како метафора на селидбите и породот, се кажува. Дури и Благоја Ристески Платнарот во својата драма “Летни Силјане“ има испратено една длабока порака. Повозрасните, се сеќаваат на претставата на Милчин од 1994 година, кога со таа праизведба беше одбележан јубилејот половина век на Битолскиот народен театар. Петар Горко го играше Силјан, а Милчин тогаш внесе многу фолклорни елементи, ритмизирани говорни секвенци, бројалки, подбивни рими и колективни извици. Репликата “Силјан штркот е прв, во газот има црв, пред него има бразда, браздата е сува, пазувата му глува“ иако е изречена во театарскиот дух, сепак е една народна закачка изнедрена ид народното верување за “глувото семе“.
Тоа верување за семето што слабо никнува е симбол за неплодност, прекин на животниот циклус и изгубена животна сила. Аграрниот симбол со сувата бразда, со глувата пазува од која ништо не се раѓа, во нашиот симболички систем, се преточува во сиромаштија и наследување, миграции, промена на животните очекувања, печалбарство или финално- лоза што се гасне со куќа без наследник и прекин на поколението. Меѓу депопулацијата и исселувањето, виреел и антрополошкиот феномен што поради Силјан кај Цепенко и Платнар, го нареков глуво семе. За него, колку да звучки песимистички, сметам дека нема лек, а вековната резултанта ќе се протега до својата конечност или македоноциден непребол.






