Press "Enter" to skip to content

Ламент за “Кинескиот ѕид“ на Ангеле во мариовско Чаниште

Чаниште е село меѓник помеѓу прилепско и битолско Мариово, па ако некој намерник од Маково сака да пропешачи до таму, треба да го помине Топли дол и уште неколку километри по рамна височинка со две трла овци и купој кучиња. Сега, селото е речиси празно, со по некој тукашен пензионер или стечаец што се вратил од Прилеп, напуштени куќи, распаднато училиште, но со обновена црква и конак до селските гробишта. Ова населено место било сведок и поприште на воените премрежиња во Балканските и Првата светска војна. Во Прво Бугарско, но и во воените витли, селаните целосно биле исселени во Јамбол во Бугарија, а подоцна половината се вратиле. После Втората светска војна, селото заживеало,се народиле деца, претежно се живеело од сточарство со овци и крави, со училиште и организирана живеачка, иако некои заминувале во Прилеп и Битола.Но, како минувало времето, од пропаѓањето на колективизацијата и задругарството па натаму со исселувањата, едни старееле и чмаеле, а  помладите доаѓале во родните огништа само по сирење, кокошки и јагниња од радителите па и да ги видат и да им донесат шеќер, масло, сол и други потрепштини. Асвалтираниот пат од кај Лагово, Штавица и нагоре кон Витолиште, имал еден крак до тука, но не помогнал  да запре исселувањето. Сега, иако по малку се заборава, Чаниште останува паметник по несекојдневната градба достојна за цело Мариово – “Кинескиот ѕид“ на Ангеле, но тесно поврзана и со судбината на неговиот син Тоде.Подвигот на Ангеле

Ангеле Ангелески (1924- 1991) бил земјоделец од Чаниште, син на ѕидар од кого го научил и ѕидарскиот занает. Тој, сосема сам, кршејќи камен и со воловска запрега носејќи го материјалот во тешко пристапен терен кај месноста “Зимовникот“, од 1980 година започнал своерачно да го гради “Кинескот  ѕид“, грандиозен  градежен потфат меѓу два рида во круг со камени ѕидови високи до два метри и еден метар дебели,  со влез и една куќарка или стаја како колиба и кров од греди и герамиди. Во периметар нецели два километра, градбата била многу тешка за изведба  и захтевна, па  траела цели единаесет години, се до неговата смрт. Претходно, неговата сопруга Србинка го оставила и побегнала во Прилеп. Кога прв пат го видов овој неверојатен неимарски потфат како простуми во пустелиите на мариовските предели, бев фрапиран колку оваа градба е цврста и градежнички издржана, со сводови, аквадукти и други марифети, со вкрстување на камените фракции по рабовите. Колку Ангеле бил вешт, стрплив, упорен и мотивиран, тогаш не знаев. Нешто се зборуваше дека се било во врска со неговиот син Тоде.Приказната на синот

Тоде Ангелески изучил доста баран занает како висококвалификуван плочкар. Судбината го оддалечила од родниот крај и преку загребска “Индустроградња“, својот леб започнал да го вади најпрвин во Италија каде што изработувале резидентни објекти. Но, патот на неговата работна бригада ги одвел и во Украина (СССР), близу Чернобил, па во 1986 година таму ги затекна хаваријата на Чернобил. Од претрпениот шок, неговото психичко здравје се нарушило и завршил во психијатриската болница “Ребро“ во Загреб. По некое време со хрватска пензија, докторите му препорачале да се врати во Чаниште и да почни да сточари. Така и направил, па како што беше добар мајстор, така стана и овчар произведувајќи најубаво сирење во Прилепскиот крај и Мариово. По некое време, Ангеле почина а Тоде со овците и шарпланинците како главно врталиште ја имаше куќарката кај “Кинескиот ѕид“. Имаше најдено и друшка, која ја негуваше куќата и се грижеше за сирењето.Кога отидов следниот пат сакајќи до крај да ја разгатнам оваа невообичаена приказна, Тоде ме пречека со неверојатно вкусно грозје од засадените лозници со стари сорти, па и со ореви. Кучињата кои весело се врткаа до нас, знаеја сами да ги кршат оревите и со сласт да ги јадат јатките. Прво што го прашав беше кои беа мотивите на Ангеле за овој потфат. Низ солзи почна да раскажува дека еден ден во 1980 година, татко му Ангеле ги однел говедата на пасење кон  манастирскиот вакав накај Чебрен. Во тамошната ладовина, кога заспал, во сонот му се појавил светецот и почнал да го кара, како дозволил стоката да го испогани вакавот. Сега нема да ти земам душа, ама ќе дојде време кога ќе ти удрам по најмилото. Побарал прошка, а светецот му побарал кај “Зимовникот“ да направи градба што ќе остане и сите ќе ја паметат. Така татко ми започна со овој потфат, а по шест години мене ме снајде несреќата во Чернобил.Трагичниот епилог

Пред заминување, фралајќи поглед врз стрмнините и каменитиот предел со нашилени и устремени кон небото камени фракции, видов дека на речиси сите нив, има исцртаноогромни крстови  со црвена боја. Го запрашав зошто се, а тој ми рече дека  ги исцртувал за да се успокојат душите на сите покојници кои во воените времиња ги оставиле своите коски во безброј бескрсни гробишта. Си помислив, некој ќе помисли дека е сулудо, но во негоиот исказ имаше длабок  исконски непребол на  мариовската сага за историјата, минатото, судбините…По неколку месеци, во јавноста излезе вест дека Тоде исчезнал и дека имало безуспешна потрага. Горчливата вистина ја разбрав при моето следно одење кај “Зимовникот“. Иако кровот на куќарката беше изгорен од молњи при големо невреме, ѕидот сепак простумеше. На враќање, сретнав еден бивш стечаец од Прилеп кој се вратил овде поспокојно да си го тера преостанатиот животен век. Ми раскажа, како случајно трупот го пронашле во недостапен терен кога паднал цртајќи уште еден крст на една камена вертикала. Останал долго непокртетен со скршена кичма, во големи маки и растргнат од диви животни. За гробот ми кажа дека е малку подолу од црквата. Едвај го најдов, оти иако мермерен и убав гроб, сепак се беше зарастено во трева. Му запалив свеќа, а низ главата како на филмска лента ми поминаа маките и неимарскиот потфат на Ангеле, на испоганетиот вакав, на Тоде во Чернобил, на нашата средба, на крствоите и бескрсните гробишта, но нај над се, на простумењето на “Кинескиот ѕид“ создаден од камен, чемер и мариовски јад, горчлив ама наш и тукашен.           

More from ВестиMore posts in Вести »