Press "Enter" to skip to content

Со прозивката на Червар започнаа подготовките на Еурофарм Пелистер во Битола (фото)

Тимот на Еурофарм Пелистер денес во Битола го имаше првиот состанок пред стартот на подготовките за новата сезона во која битолчани влегуваат со нов тренер и осум нови ракометари.Новиот тренер на екипата, Лино Червар, беше заедно со потпрестедателот Бојан Стерјев, како и стручниот штаб, и им се обрати на ракометарите, го претстави планот на подготовки и им посака добро здравје и успешна сезона. Екипата денес ќе има заедничка вечера за почеток на сезоната, а во текот на првите два дена ќе бидат реализирани и медицинските тестови.Некогашниот македонски селектор и тренер на Металург, Лино Червар, одново ќе работи во нашата земја, но сега во Еурофарм Пелистер. Искусниот Хрват откри дека во Битола ќе биде крајот на неговата кариера и дека знае во каков град и клуб доаѓа. Искусниот хрватски стратег по првиот тренинг ги сподели првите импресии и очекувања. -Морам да кажам дека ми е чест да бидам тука и да го водам Еурофарм Пелистер. Тука ќе биде и крајот на мојата кариера. Мило ми е дека сум во мојата втора татковина. Знам кој е Пелистер, клуб со голема традиција уште кога го водев Умаг во првата југословенска лига играв против овој клуб. Пепи Манасков ни беше голем проблем тогаш. Многу сум амбициозен. Ќе дадам се од себе за Пелистер да биде компетентен. Малку сум поинаков, па ќе работиме поинаку. Ќе биде игра за клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост на теренот. Сите ние заедно, секој од нас мора да даде се. Јас како тренер морам да бидам пример, да се бориме како екипа и да се обидам да направам се што можам за клубот да биде успешен.Засега имаме три натпревари, еден ќе биде репрезентацијата на Катар, вториот е словенечка Крка и уште еден со прволигаш. Бргу ќе дојдат натпреварите од регионалната лига, па мора да внимаваме. Уште во првото коло имаме голем предизвик во Охрид, па мора да се „програмираме“. Најважно е да добиеме идеја за играта, играчите да видат што сакам и каков ќе биде Пелистер. Има многу работа, а нема многу време и мора да сме рационални. Се држам до една приказна, мора да ја сакаш работата која ја работиш. Секој тренер би сакал да ги има најдобрите играчи, ама кога го немаш она што го посакуваш најмногу, мора да го сакаш она што го поседуваш. Јас го сакам тимот кој го имам, верувам во тој тим и заедно како семејство сите во клубот мора да сме успешни, а потоа времето ќе покаже до каде ќе стигнеме, додаде Червар.Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, зборуваше за очекувањата од новата сезона и најави голема борба на сите натпревари, очекувајќи одлични партии под водство на легендарниот хрватски стратег, Лино Червар.-Среќен сум што останав во мојот матичен клуб и во мојот град, меѓу нашите омилени навивачи. Мислам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата, иако минатите години имавме некои забележителни резултати.  Имаме многу нови играчи, со кои ќе мора да се воиграме, а и тие ќе треба да се адаптираат. Со доаѓањето на Лино Червар, мислам дека сите ќе имаат мотив повеќе и често ќе ја радуваме битолската публика, која секогаш ни дава максимална поддршка.  Секој играч ќе биде максимално мотивиран. Червар ќе бара максимална посветеност и борба за секоја топка. Ќе бидеме различен тим од лани, се надевам дека ќе бидеме одлични и во напад и во одбрана. Вртиме нов лист, ќе мораме да создадеме нов успешен колектив. Овој дрес тежи и создава притисок, но се надевам дека тоа ќе го преточиме во позитивна смисла. Лигата станува многу посилна, има неколку екипи што се борат за шампионскиот трофеј, па затоа ќе мораме до крај да се бориме на секој меч, изјави Кузмановски. “Пелистерци“ ќе се подготвуваат дома, па ќе заминат за Словенија на десетдневни подготовки, каде ќе имаат три контролни средби. Битолчани на 23 август ќе играат дома со Партизан, а потоа ги чекаат уште две средби со Ловќен и Дубочица Лесковац, исто така во Регионалната лига, пред стартот на Супер лигата.На клупата дојде Лино Червар, а меѓу новајлиите се Мартин Серафимов, Ненад Белистојаноски, Босанците Омер Мехмедовиќ и Едвин Џелиловиќ, потоа Словенците Миха Котар и Малик Татар, Србинот Алекса Колаковиќ и Хрватот Диего Басанесе.

More from ВестиMore posts in Вести »