Жанета Ристевска
-Започна со песната „Од Битола дојдов…“ до „Велат не нема“ – незаборавна вечер со Влатко Миладиноски, а Хераклеја ечеше од македонска песна.
-Во звукот на тананите, зурлите, гајдата и раскошниот оркестар, Хераклеја доби посебна магија
-На крај Влатко рече: “јас ќе ја започнам песната, а вие заминете пеејќи“ им се обрати на публиката – Хераклеја уште долго одекнуваше со антологиската “Велат не нема“.
Античкиот театар Хераклеја во Битола беше исполнет со емоции, силни аплаузи и безвременски македонски песни на концертот на Влатко Миладиноски. Во придружба на својот брат Златко Миладиноски хармоника и неговиот оркестар составен од 30 врвни музичари, Влатко приреди вечер што не беше само концерт, туку вистинско „музичко востание“ и патување низ неговата кариера, традицијата и љубовта кон Македонија.
Концертот започна во тишина. На сцената најпрво се слушаше само препознатливиот глас на Влатко, а потоа тој полека се појави пред публиката, која го поздрави со долготраен аплауз.
-Роден сум во Битола, по потекло сум од Кичево. Во Битола учев Средно музичко училиште и тука ги поминав најубавите години од мојот живот, рече тој, а потоа со многу емоции им се заблагодари на луѓето кои биле дел од неговото созревање – својата класна раководителка Вилма Костовска, професорите од музичкото училиште, како и Стојанче Цавировски и неговото семејство, кои, како што кажа, го прифатиле како свој син додека живеел во Битола.
Музичкото патување започна со песната „Од Битола дојдов…“, симболично отворајќи ја вечерта во градот каде што се школувал и ги направил првите музички чекори. Потоа се нижеа авторски композиции и преработки на најубавите македонски песни. Публиката во еден глас ги пееше „Еј сонце мое“, „Еј што си моја“, „Ракијо жолта“, „Кој со тебе ноќва спие“, „Напрај мерак меанџијо“…и многу други песни кои ја разиграа и распеаја цела Хераклеја.
Еден од најтрогателните моменти беше изведбата на песната „Вујче“, која Влатко му ја посвети на својот вујко Војо Стојановски. Седнат на сцената со скрстени нозе, ја исполни песната со многу емоции, а потоа еден по еден му се придружија неговите братучеди Дамјан и Дарко Стојановски.
Со нивното заедничко пеење, споменот на Војо Стојановски оживеа пред публиката, која со долг аплауз ја поздрави оваа искрена музичка и семејна почит. Специјалните гости Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски, Влатко ги најави како свои братучеди, своја, крв, големи пријатели и исклучителни македонски пејачи, кои отсекогаш му биле поддршка.
Заедно приредија вистинска музичка дружба. Влатко ги започнуваше песните, а тие ги продолжуваа, испреплетувајќи ги своите гласови во духот на македонската песна. Следуваа „Ајде да си речиме уште една“, „Деј ги ди Јано мори“… и уште неколку добро познати македонски песни, кои публиката ги пееше во еден глас.
Заедничката изведба беше проследена со силни овации, а публиката ја испрати со долг аплауз.
Посебна убавина на концертот му дадоа членовите на КУД „Илинден“, кои со своите ора ја збогатија сцената, додека девојките од „Степ Ап“ со впечатливите кореографии внесоа дополнителна динамика и визуелен спектакл, а тука беа и како и гостите уметници македонци од Егејска Македонија.
Кулминацијата дојде со песната „Велат не нема“. Со првите стихови целата публика стана на нозе. Илјадници гласови се споија во еден, а рефренот „Велат не нема, ама еве сме!“ силно одекнуваше низ древните камени ѕидини на Хераклеја. Тоа беше момент исполнет со емоции, гордост и љубов кон македонската песна – момент во кој Влатко и публиката дишеа како едно.
И кога се чинеше дека вечерта завршува, Влатко уште еднаш ја изненади публиката. Им посака добра ноќ со зборовите:
-Јас ќе ја започнам песната, а вие заминете низ Хераклеја пеејќи ја, а позвршувањето наконцертот за Битолањуз рече:
-Концертот во Битола, во овој прекрасен амбиент на античкиот театар во Хераклеја помина одлично, фенименално, спектакуларно и вам и на битолчани им благодарам на поддршката. Концертот беше онака како и очекував, со многу емоции и енергија, со многу гости, со кои заедно ги пеевме сите песни. И се надевам дека повторно, за брзо ќе се видиме со битолчани.
Така и беше. Додека тој ги започна првите стихови на „Велат не нема“, публиката полека го напушташе Античкиот театар, но песната не престануваше. Напротив, одекнуваше низ патеките на Хераклеја, продолжувајќи да живее и надвор од сцената.
Илјадници гласови ја носеа мелодијата со себе, создавајќи слика што ретко се доживува – концерт што не завршува со последниот аплауз, туку продолжува во срцата на луѓето.
Тоа беше вечер во која Влатко Миладиноски уште еднаш потврди дека неговиот препознатлив глас не е само музика, туку чувство. Луѓе од различни генерации пееја во ист глас, покажувајќи дека народната песна не е само дел од нашето минато, туку жива нишка што и денес нè поврзува. Хераклеја одекнуваше со најпознатите песни на Влатко Миладиноски, а секој нов рефрен ја засилуваше енергијата под битолското небо.
А, рефренот „Велат не нема, ама еве сме“ уште долго ќе одекнува низ Хераклеја – како порака дека македонската песна, традиција и дух живеат и ќе продолжат да живеат преку генерациите.
Вчера вечер Хераклеја не беше само историски локалитет-беше дом на македонската песна. Битола стана средиште на едно големо музичко востание, во кое традицијата доби нова сила, а емоциите се претворија во спомени.
Концертот на Влатко и Златко Миладиноски беше многу повеќе од музички настан. Тој беше празник на македонската култура и традиција, но и доказ дека песната може да обедини илјадници луѓе во една незаборавна вечер што уште долго ќе се прераскажува.
Фото: Сашо Ристевски
[ngg src=”galleries” ids=”2937″ display=”basic_thumbnail” override_thumbnail_settings=”1″ images_per_page=”55″]











