Press "Enter" to skip to content

Марко Крале – човекот пред легендата (2)

Од властелинот Мрња во околината на Ливно и Хумско- Требињскиот простор, па преку синовите Волкашин и Угљеша, се е до Марко Мрњавчевиќ, се затвора една нагласка дека не можеме чесно да кажеме дека Марко “бил Македонец“ во денешна етничко- национална смисла. Но исто така, не можеме да претпоставиме и да го претвориме “Србин од Србија“ во денешно значење. Тој е производ на средновековниот српско- византиски политички и културен свет, но неговата држава, престолнина, имоти, ктиторски дејности и историска судбина се длабоко врзани со Македонија, особено со Прилеп и Западна Македонија. “Српски“ и “Македонски“ Марко, тоа  се национални категории од многу подоцнежно време  со центар во Прилеп, а може да се нарече и “Крал на Македонија“. За волја на вистината, тој е дел од српската средновековно- династичка традиција и затоа српската истриографија го вбројува во својата средновековна историја. Но, тоа не значи дека Марко бил “Србин“, ниту дека Македонија била “српска земја“ во модерниот национален концепт. Сумарно, Србите го присвоија Марко историски, Македонците го присвоија Марко фолклорно. Затоа, вториот дел од овој диптих го посветуваме на Марко Крале од Прилепа града, Марко Варошлија и на огромна мрежа од песни, преданија и легенди. А неговиот вистински средновековен центар е токму Прилеп. Затоа може да се рече- Марко историски припаѓа на српскиот средновековен владетелски круг, географски и политички е длабоко врзан за Македонија, а во народната епика станал заедничко балканско наследство.  Токму и затоа е незгоден за денешните национални “сопственички листови“.

1. Македонски епски песни за Марко Крале

Бидејќи изучувачите на народната книжевност имаат квантифицирано над 1. 500 епски песни на Балканот без преданија и легенди, кај нас можеме да ги посочиме најпознатите.  “Марко Крале ја губи силата“, каде Марко старее и ја губи натчовечката сила, “Шетал Марко низ Гора зелена“ во средба со Димна Гора, “Марко Крале ја укинува свадбарината“ како заштитник на сиромашните и против неправедниот данок, “Марко Крале и Муса Кесеџија“ мегдан на јунак против јунака со хиперболизирана моќ  и сила, “Марко Крале ослободува три синџири робје“, симболиката пролтив ропството, “Марко Крале и Ѓурга Самовила“ итн. Разни мотиви, потреби, изблици и поткрепа на народот во тешки времиња, останале како епика која во народната меморија се пренесувала со генерации и опстојувала со векови, а избраниот бил Крале Марко. Тој не е само јунак што се бие, во песните има биографија на еден епски лик, раѓање, детство, мајка, татко, женидби, цркви, манастири, неправда и според Пенушлиски, може да се нарече “човечки лик“. Историскиот Марко изчезнува во 1395 година, но епскиот Марко продолжува да “живее“ во песната, каменот, пештерата, реката, ридот и народната меморија.

Во оваа прилика ќе го изоставам српскиот епос, за кого Воислав Ѓуриќ има приопштено капитана Антологија на народни јуначки песни на 742 страни.  Но, недвојбено сметам дека треба да се приопшти податокот дека најстариот познат запис на песна за Марко е од 1547 година. Една деценија подоцна, Петар Хекторовиќ ја запишал песната “Марко Кралевиќ и брат му Андријаш“ (Томе Саздов). Значи, Марковиот еп веќе кружел во усната традиција многу пред Вук Караџиќ. Епскиот Марко одамна престанал да биде само историска личност, но станал балкански архетип на јунак, а различните народи го присвоиле и го приспособиле на сопствената историска меморија. Ние се задржуваме само на македонскиот, иако во другите епоси има различни национални карактери.2. Топонимите за Марко- распространета географија

Топонимијата е одличен материјал за следење географијата на марковиот култ. Тука веќе не се работи само за места што навистина биле поврзани со историскиот Марко, туку за огромен број на топоними создадени од народната традиција. Маркови кули кај Прилеп, но и Маркови кули кај мариовското село  Манастир, каде никогаш не бил. Маркова Сушица кај Скопје, Маркова Река, Маркова пештера, Маркова нога на десет места, Марков камен и низа слични називи. Принципот е следниот, на необичен камен, извор или урнатина, народот видел трага од јунак. Кај нас, Марко според топонимите не е само во Прилеп, туку е присутен насекаде. Маркова нога има во Преспа кај граничниот премин со Грција, исто и во подножејето на Кајмачалан близу Сович. На пример, еден научен труд наведува дека Маркова река порано имала друго име, а од 14. век го добила сегашното. Истражувањата забележуваат дека во Македонија нема поширока област без некој топоним или предание поврзано со Крале Марко. Дури често, топонимот ја раскажува и самата легенда. На пример, Маркова стапалка- каменот личи на стапало, Маркови копита- траги од Шарецот, Маркова седелка- камен каде седел Марко итн. Некои топоними произлегле, според една филолошка студија, од огромната распространетост на ,,марковскиот фолклор“, што значи географија на народната меморија. Од друга страна, следејќи ги топонимите по региони, се гледа патот како легендата патувала од човек на човек.

За да ја потенцираме културната меморија на овој феномен, највпечатлив е Прилеп. Таму не е само легенда- Маркови Кули, Варош, фреските на Марко и огромниот број локални преданија создаваат цел марковски пејсаж. Теренските истражувања на Маркови кули бележат дури 17 преданија поврзани за места и свети води во самиот локалитет. Во некои преданија Марко не е мртов, тој е скриен или спие и ќе се појави кога ќе дојде времето. Поетски кажано, Волкашин и Марко ја изгубиле државата, но Марко Крале ја добил бесмртноста. Затоа тој живее во Прилеп, Порече, Мариово, Кичево, Скопско, не како владетел, туку како жител на народната меморија. И уште еднаш да потенцираме, историскиот Марко ја изгубил државата, народниот Марко ја добил вечноста.3. Мако еднаш ќе ни се врати

Не треба Марко да го замислуваме како некаков “предавник“ во денешна смисла. Во тоа веме, вазалството било често, а по 1371 година неговата власт била драстично ослабена, а вазалството било начин да се сочува тоа што останало. Мислата пред битката во Румунија “Бог да им помогне на христијаните“, е прекрасен пример како народната традиција се обидела да го помири историскиот  со епскиот Марко. А епскиот Марко, се разбира, не можел да заврши како обичен вазал. Затоа народот му направил многу подолг живот од историскиот. Историски Марко- Ровине 1395, епскиот Марко не умира- спие во пештера и ќе се врати кога ќе ни биде потребен.

Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.

(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)