Еурофарм Пелистер од Битола го доведе првото засилување во новата година, по четирите заминувања на крајот на декември (Дејвис, Нилсен, Кисум и Стевановиќ), шампионот на Македонија, за што шампионот на Македонија соопшти:
-Левото крило Дејан Манасков, кој со месеци се спомнуваше како засилување за битолскиот суперлигаш конечно стави потпис на договор. Дејан доаѓа во клубот во кој афирмација и светска слава доживеа неговиот татко Пепи. Тој ќе ја засили конкуренцијата на позицијата лево крило, каде пелистерци веќе ги имаат репрезентативците Цветан Кузманоски и Петар Атанасијевиќ.Неговото презиме предизвикува емоција кај армијата наши навивачи. Манасков пак ќе постигнува голови во дресот на Пелистер! Задоволство ни е што по децении и децении уште еден Манасков е наш член.
Дејан Манасков е нов член на Еурофарм Пелистер и од денес им се става на располагање на новите соиграчи и членовите на стручниот штаб. Левото крило со богата интернационална кариера целосно се вклопува во мозаикот на тим сочинуван од најдобрите македонски ракометари и елитни странци. 31-годишниот Манасков поникна во Металург, ги носеше дресовите на Вецлар, Рајн Некар Левен, Веспрем и Вардар 1961, а со македонската репрезентација беше дел од сите успеси во последната една деценија.
Инаку, Дејан Манасков беше првак на Македонија и Унгарија, неколку пати играше на завршниот турнир на Лигата на шампионите во Келн во дресот на Веспрем, ја освојуваше СЕХА лигата, а во својата витрина има многу индивидуални признанија. Манасков првиот тренинг со новите соиграчи ќе го има утре, а првиот официјален натпревар е предвиден на почетокот на плеј-офот во февруари.