– Ова е фестивал во кој изведувачите настапуваат во живо, пратени од Камерниот оркестар на Битола . Сите шеснаесет нумери се нови и авторски и тоа е значаен чекот во зачувувањето на традицијата на македонската музика, на серенадата и на традицијата која некогаш била присутна овде. Ќе ви подариме една прекрасна вечер каде ќе го вратиме сјајот на најопејаниот град, Битола, истакна директорот на КИЦ Битола – Благојче Божиновски на денешниот прес по повод второто издание на фестивалот “Ех, таа серенада“. 

-Одамна заговараме културната и туристичката понуда да се интегрираат, односно културните манифестации да придонесат кон туристичка промоција на Битола и да привлечеме поголем број на посетители заради економски бенефит. Едно од нашите задолженија е тоа што работиме на туристичка промоција на Офицерскиот дом, негово подготвување за туристичка понуда и секако на кино „Манаки“. Овие активности траат веќе две години и зависат од одредени финансиски средства и одобрувања. Но, за овој фестивал културното наследство, архитектурата и духот на градот ќе ги употребиме како туристички атрибути и во иднина ќе го направиме прво регионален, а потоа и интернационален фестивал, рече Тодор Ивановски од КИЦ Битола.
– Мене ме радува дека оваа година временските прилики се одлични, за разлика од минатата година кога со цела техника се префрлувавме во Центарот за култура, но овој пат времето е супер и фестивалот ќе го направиме во амбиентот на Офицерскиот дом. Настанот ќе го снима МТВ, и после месец-два ќе се прикажува на телевизија, изјави за новинарите музичкиот соработник Миодраг Неќак.















