Генералниот директор, Лазо Узунчев, на денешната прослава на Денот на рударите во РЕК Битола, му врачи пофалница на Пеце Јанкуловски, вработен во комбинатот, кој јавноста го запозна како машинистот-херој кој со булдожер го спаси селото Паралово и црквата Св. Ѓорѓи од огнените јазици кои беснееја летово во битолско.
-Горди сме што имаме колега како Пеце Јанкуловски. Пеце покажа храброст и решителност во еден од најтешките моменти за селото Паралово и за црквата во која е гробот на војводата Ѓорѓи Сугарев. Со булдожерот што обично го управува низ рудниците во РЕК Битола, го направи невозможното и ги спаси од огнот селото и црквата. Неговата пожртвуваност нека биде пример за општествена одговорност и хуманост за сите нас, рече Узунчев.
Покрај Пеце Јанкуловски, Пофалница и парична награда од АД ЕСМ ќе добијат вкупно 18 вработени во РЕК Битола кои беа ангажирани во гаснењето на пожарите кои летово ја зафатија Пелагонија.