Гимназијата “Јосип Броз Тито“ од Битола и оваа година традиционално го одбележа 26. септември, Европскиот ден на јазиците, а во огранизацијата беа вклучени предметните наставници по македонски јазик и литература, француски јазик, англиски, германски и латински јазик. 26 септември е прогласен за Европски ден на јазиците од страна на Советот на Европа и Европската комисија во 2001 година, со цел истакнување на значењето на јазиците како фундаментален и нераскинлив дел од културното наследство на Европа.
Учењето на странски јазик е вистински умствен предизвик кој го збогатува човечкиот интелектуален профил. Со учењето на мајчиниот и странските јазици ние витешки се бориме против сите предрасуди и општествени стереотипи и отвораме можности за градење на подобар свет за сите нас.
Во Гимназијата, ги охрабруваат учениците да го сакаат и негуваат мајчиниот јазик, но и да ги изучуваат странските јазици бидејќи покрај постигнувањето на високи резултати во учењето, важно е да имаат и широк светоглед.
Во духот на космополитизмот, традиционално, и оваа година, Европскиот ден на јазиците го одбележаа предметните професори од Активот по македонски јазик, Активот за странски и класични јазици, заедно со учениците од I до IV година.
На настанот присуствуваа заменик Градоначалникот Бојан Бојковски и претставници од Општина Битола – Викторија Христовска и Викторија Налевска.
Благодарност до директорката Лидија Споа, стручната служба и наставничкиот колектив за континуираната поддршката на настанот.
Европскиот ден на јазиците од една страна ја промовира богатата јазична и културна разноликост на Европа и придонесува за подигнување на свеста за многујазичноста и меѓукултурното разбирање, а од друга страна ја промовира и поддржува идејата за доживотно учење јазици во и надвор од училиштата, студирањето, како и изучување јазици за професионални потреби или за задоволство.
Фото: Дамијана Ристевска