Ако сме навикнати голем број на велосипедисти да гледаме во летни и топли денови низ градскиот парк, не очекувавме дека вечерва тоа ќе го видиме на 24 ноември, во Битола во градскиот парк.
Иако температурата околу 20 часот беше 0 степени на новиот “Памп трак“ петнаесетина, а можеби и дваесетина млади битолчани упорно се “пуштаа“ по кривулестата со “угорници“ и “уодолници“ бескрајни долга патека, и уживаа во вратоломиите кои ги правеа.
На нашите млади сограѓани не само што не им пречеше тоа што беше ладно, туку беше видливо дека уживаа во возењето на своите велосипеди, а по секое возење си раскажуваа на кој дел од “Памп тракот“ е најубаво, а каде се постигнува најголема брзина, каде се скоковите…
Ова летно, а сега, зимско уживање на младите го привлече вниманието на повозрасните битолчани, кои се враќаа од “на фудбал“, премрзнати, а кои по малку гледање заминуваа, и додаваа:
-Деца им се игра, им вози точак, синкир ние бевме поарни, исти бевме…, но сепак некој и довиква, бегајте дома, студи, ќе настините, синкир ќе нема денови за возење.
Инаку, “Памп тракот“, кој се наоѓа веднаш до “Ќумурното игралиште“ се заврши деновиве со поставување на асфалтната патека која ги исполнува сите услови за заштита на животната средина и јавното зеленило, а дополнително околниот дел ќе биде и хортикултурно уреден, согласно временските услови, а Битола доби уште една спортско – рекреативна содржина за вљубниците во велосипедизмот.
На оваа адреналинската патека континуирана патека од нагорнини и надолнини околу кои возачите можат да возат покрај велосипеди, и скејтборди, ролери и друго.
Текст и фото: Сашо Ристевски










