Press "Enter" to skip to content

Општина Битола: јавен повик за подобрување на пристапноста, мобилноста и функционалноста на лицата со попреченост

Општина Битола, активно спроведува мерки за подобрување на пристапноста, мобилноста и функционалноста на лицата со попреченост преку Програмата за социјална заштита. Во рамките на таа Програма, објавен е јавен повик во согласност со донесениот правилник за искористување на финансиска помош при адаптација на пристапност, мобилност и функционалност до и во домот на лицата со попреченост, каде се дефинирани условите за субвенционирање на трошоците – целосно или делумно – за адаптација на инфраструктурата и набавка на неопходна опрема.

Правилникот опфаќа поставување или изградба на пристапни рампи, платформи, лифтови, направи за искачување на скали, прилагодување на тоалети, проширување на врати, изградба на пристапни патеки, како и набавка на специјализирана опрема за мобилност и функционалност.

Јавниот повик и потребната документација за аплицирање, достапни се на следниот линк

 https://www.bitola.gov.mk/javen-povik-pristapnost-mobilnost/.

За финансиската поддршка одлучува комисија од пет члена, врз основа на комплетирана документација. Средствата во максимален износ од 61.500 денари се исплаќаат на корисникот, кој во рок од три месеци треба да достави докази за реализираната адаптација.

Во 2024 година, седум лица со попреченост добија финансиска помош во вкупен износ од 399.440 денари, со што општината продолжува да ја подобрува достапноста и животните услови на своите граѓани.

За повеќе информации, заинтересираните граѓани можат да се обратат до надлежните општински служби.