Кошаркарите на Пелистер од Битола влегуваат во последните три рунди од прволигашката регуларна сезона, пред пје-офот, со јасна желба, три победи на дуелите со Чаир, Врдар и со ТФТ да се искачат во “Топ 3“.
Турбулентната сезона на резултатски план мора да биде оставена зад себе, па токму во овој дел од шампионатот, кога е најважно Пелистер да го покаже вистинското лице и да се врати во борбата за големиот трофеј што беше најавувана од самиот почеток на сезоната. Едно е сигурно, „зелено-белите“ поседуваат и квалитет и искуство за такво нешто.
Првиот од трите завршни испити тренерот Трајковиќ и неговите избраници ќе го имаат вечерва на гостински терен против Чаир (20,30 часот). Станува збор за ривал што е добро познат и против кого „пелистерци“ веќе имаат две победи сезонава, најпрвин со 77:73 во првиот дел од прволигашката конкуренција, а потоа и од 76:72 во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Трајковиќ и неговите избраници треба да го издржат налетот на домашниот тим кој вообичаено игра многу подобро на домашен терен и да излезат како победници од жешкиот терен во салата „Шабан Трстена“ во Чаир.
Огромен плус за Пелистер е враќањето на центарот Галовеј, Американецот кој поради смртен случај во семејството не можеше да настапи против Работнички, а неговото неиграње беше еден од клучните фактори за поразот минатиот викенд. Новиот центар веќе целосно се адаптираше во играта на Пелистер и дефинитивно ќе биде важен адут до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Чаир против Пелистер, вечерва во 20.30 часот во Скопје, меч против квалитетен ривал што е одлична можност „пелистерци“ да го покажат квалитетот и да почнат победничка серија со која би влегле во плејофот.