Кошаркарите на Пелистер од Битола максимално подготвени го дочекуваат стартот на плејофот, почнувајќи од денешниот меч во кој „зелено-белите“ како гости се среќаваат со Работнички во 16.30 часот, сала „Дуња“ во Кисела Вода.
„Пелистерци“ одиграа со бројни осцилации во текот на целата сезона, го освоија шестото место во регуларниот дел поради што ќе ја немаат предноста на домашен терен, но „зелено-белите“ сепак се оптимисти дека ќе успеат да го елиминираат најтрофејниот македонски кошаркарски колектив, како што Пелистер и лани го исфрли Работнички од плејофот.
-Паузата пред стартот на плејофот беше навистина долга, па имавме и повеќе од доволно време за да се подготвиме. Веруваме во себе, во своите квалитети. Работнички има свои слабости, нешто што ние ќе настојуваме да го искористиме, вели Никола Мишковиќ, еден од најдобрите кошаркари на Пелистер сезонава.
-Беше исклучително тешко да го играме тој меч без класичен центар во тимот. Сторивме се, но не успеавме да славиме, верувам дека овојпат ситуацијата ќе биде поинаква, се е поразлично кога имате квалитетен висок играч во ротациата. Јас сум оптимист, верувам дека сме подобар тим од Работнички, дека сме покомплетен тим од противникот, но јасно ни е дека тоа мораме да го потврдиме и на терен, истакнува Мишковиќ.