Во пресрет на големиот македонски и сесловенски празник посветен на големиот просветител Свети Климент Охридски, денеска во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола го реализира културниот настани, поетскиот портрет „Црвен немир“ од Панде Манојлов.
Воедно, на поетот Панде Манојлов, на библиотечното пано во Гимназијата му беше приредена и изложба на неговото творештво од вкупно 27 поетски и прозни дела, под наслов Црвен немир според насловот на авторовата прва поетска збирка од пред речиси половина век.
Поетскиот перфоманс „Црвен немир“ на Манојлов продолжи на часот по македонски јазик на класот II- 1, каде под раководство на професорката Мери Талевска, ученици рецитираа песни од поетот.
Инаку, поетот Манојлов кој своето средно образование го има завршено во истите гимназиски клупи на Горната Гимназија, во која учеле и неговите синови, а сега и неговиот внук, им се обрати на учениците со пригодни зборови и со сеќавање на средношколските денови.
Притоа, за творештвото на Панде Манојлов говореше библиотекарот и организатор на овие културни настани, м-р Драган Ристевски, кој го заокружи поетовото претставување со зборовите – ,,Пријатното изненадување се случи денеска и наместо Шекспировиот Сон на летната ноќ, доживеавме Јаве во декемврискиов ден со Манојлов.“
Поетот Манојлов отстапи по еден примерок од неговото целокупно творештво, а воедно, како посебен подарок на училишната библиотека го остави својот поетски ракопис од следната, сега необјавена книга поезија.
С.Р.






