Press "Enter" to skip to content

Битолси на стартна линија – интервју со Никола Димитровски иницијаторот на “Трчај бе“ во Битола

Седум години по ред, Битола не е само град, таа е сцена. „Трчај бе“ одамна ја надмина рамката на класична трка: од Форест Гамп на Широк Сокак, преку битолцизмите и Римскиот Давид, па сè до минатогодишниот слоган „Филм ми е да трчам“. Секое издание е ново поглавје, нов жанр, нов начин да се раскаже истата приказна – дека трчањето може да биде културен феномен.

Оваа година, под мотото „Битолси“, трката носи омаж на градот и неговите херои, мали и големи, познати и непознати, кои ја полнат Битола со звук и ритам. За тајните зад седмото издание разговараме со Никола Димитровски, директорот на трката и човекот што ја претвори оваа авантура во традиција.Никола, ова е седмо издание на „Трчај бе со Алпско“. Ако секое издание е филм, каков серијал испадна досега?

-Жанровски мешовит, секогаш уникатен, никогаш досаден. Еден град кој секоја година ја менува улогата. Почнавме со “Форест Гамп“ на Широк Сокак, како симбол дека за старт е доволно е само да посакате да трчате, без некоја посебна цел или мотив. Потоа битолцизмите, затоа што само нашиот жаргон е олицетворение на она што сакаме да го постигнеме со трката. Имавме и Римски Давид, за да потсетиме дека и трчањето е уметност, па „Филм ми е да трчам“, омаж на браќата Манаки и „уфилманите“ битолчани. Секоја година – различна приказна. Годинава темата се Битолси.

Зошто токму таа асоцијација?

-Затоа што Битлси се од Битола, само ретко кој тоа го знае. Всушност, нив им ги оставаме на Ливерпул, Битола има свои херои, свои „Битолси“. Ликови кои оставиле трага во некое маало, улица, некоја генерација. „Битолси“ се олицетворение на тоа. Секој град има свое минато, но тешко на оној кој нема своја иднина, Ние оваа година со трката правиме една посвета на ликовите од минатото, кои имаат заслуга за сите убави работи во градот, но покажуваме дека постои и една нова енергија и дека нашата трка е продолжение на оваа убава битолска историја. Голем настан, под отворено небо, со многу забава, а не само трчање.Како изгледа да градите наратив седум години по ред, а да не стане монотоно?

-Рецептот е дека никогаш не ги третираме тркачите само како учесници. Тие се актери и статисти во најубавата сцена која ја прави градот. Сите се дел од магијата – трчачите, волонтерите, децата со транспаренти на тротоарот, но и дизајнерот на маиците, сценските работници и музичките артисти.

Кој е твојот омилен момент од претходните изданија?

-Моментите кои се спонтани, воопшто непланирани, а изгледаат како извадени од сцена на филм од Фелини. Бабите со столчиња, публиката излезена да ги слуша музичарите на фан точките, среќата на пожарникарите додека ги прскаат учесниците кои трчаат по булеварот, радоста на децата кои навиваат за своте родители, комшиите кои доброволно излегле пред куќата да делат вода и благо на оние кои трчаат. Тоа е енергијата која не можеш да ја измериш со ниту еден инструмент.

Што би сакал да почувствува човекот што првпат доаѓа на Трчај бе?

-Дека не е гостин, туку дел од приказната. Дека трчањето не е само физички чин и дека минувањето на целта не се опишува со збор.

А што очекуваш од ова издание?

-Повторно градот да биде сцена. Да покажеме дека трката не е само спорт, туку културен феномен. Ако лани снимавме филм, годинава ќе го имаме најголемиот подиум за забава во Македонија. Трка? Да. Фестивал? Секако. Забава? Загарантирана.И за крај – кој е твојот сон за идните изданија?

-Да стане ова феномен кој ќе го раскажуваат и луѓе кои никогаш не облекле патики за трчање. Кога ќе дојде тој момент, ќе знаеме дека сме успеале.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »