Ракометарот на Еурофарм Пелистер од Битола, Павле Атанасијевиќ, го најави претстојниот натпревар на тимот на гостувањето во Полска, против екипата на Висла Плок во Лигата на шампионите, во рамките на групата “Б“.
Павле Атанасијевиќ смета дека тимот има квалитет за добар резултат, а тоа треба да се докаже на терен.
-Се подготвуваме колку што можеме, имаме напорен распоред и три натпревари во само седум дена. Висла е силен противник, кој летово доведе уште подобри играчи во својот ростер, но и минатата година се претставија во одлично светло. Нивното ниво сега е уште повисоко, затоа мораме добро да ги анализираме и да се спремиме соодветно. Малку ја вративме самодовербата после победата над Охрид, таму го прикажавме нашето вистинско лице. Мечот со Вардар е во минатото, сега се фокусираме само на идните предизвици, рече Атанасијевиќ.
Натпреварот помеѓу Висла Плок и Еурофарм Пелистер ќе се одигра, утре, среда, на 8 октомври, а почетокот е закажан за 18:45 часот.