Press "Enter" to skip to content

Пелистер вечерва против Чаир во Битола, без калкулации по победа, пред европските обврски

Кошаркарите на Пелистер од Битола од викендов влегуваат во пеколен ритам, откако по денешниот дуел со Чаир (19 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола) битолчани ќе влезат во серија од два меча неделно, поради настапот во ФИБА Европскиот куп.

Овој дуел првенственот се игра порано од останатите поради обврските на пелистерци во ФИБА Европа купот, седната седмица. Инаку, битолчани сезоната ја почнаа со убедливата победа над Работнички, додека чаирчани беа поразени од Куманово на домашен терен.

Убедливата победа над Работнички само потврди дека Пелистер и сезонава има квалитетен ростер, но цел на сите кошаркари и на стручниот штаб е тој триумф да биде потврден и со добра игра и нови бодови против гостинот од Скопје.

-За нас нема никакви калкулации, одиме по победа по секоја цена. Тренираме максимално целиот овој период, во тимот е очигледно дека владее позитивна енергија што ни овозможува Пелистер да го краси колективна игра сезонава. Квалитетот и борбеноста ќе бидат наш заштитен знак, во комбинација со индивидуалните способности. Чаир е ривал што го почитуваме, но фокусирани сме на нашето издание бидејќи ако одиграме како што знаеме ќе стигнеме до посакуваниот резултат, вели Лука Стојановски, македонскиот репрезентативец во дресот на Пелистер.

„Зелено-белите“ се надеваат дека со победа вечерва ќе ја кренат уште повеќе атмосферата во тимот во пресрет на првото коло од ФИБА Европа купот, во кое Пелистер веќе в среда (15 октомври) ќе му гостува на тимот Цедевита Јуниор во Загреб.

„Тие европски средби кои следат се голем предизвик за нас играчите, за клубот и за градот Битола. Меѓународните натпреварувања се одлична можност за промоција и на нашата држава, на Пелистер како сериозен колектив и ќе дадеме се од себе за достојно да се претставиме во ова натпреварување. Сепак, одиме чекор по чекор, фокусирани сме само на денешниот дуел со Чаир, по што погледите ќе ги насочиме кон Цедевита јуниор“, истакнува Стојановски.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »