Press "Enter" to skip to content

Зацврстува партнерство помеѓу УКЛО Битола и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата

Постојаниот координатор на Обединетите нации за Македонија, Рита Колумбија оствари работна средба со ректорот на УКЛО од Битола – проф. д-р Игор Неделковски. Разговорите беа насочени кон унапредување на улогата на високото образование во остварувањето и забрзувањето на Целите за одржлив развој.

Ректорот Неделковски истакна дека УКЛО континуирано го зајакнува својот придонес во областа на одржливоста и како значајна потврда ја наведе неодамна одржаната меѓународна конференција „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“. Посочи дека мисијата на Обединетите нации е да ги поврзе засегнатите страни и институции во процесите што се од суштинско значење за националниот и глобалниот развој.

Рита Колумбија го нагласи значењето на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола како еден од клучните партнери во земјата, особено поради неговата долга традиција и капацитетот да влијае врз промовирањето на темите поврзани со одржливоста меѓу младите. Таа го истакна интересот за формирање коалиција од универзитети и владини институции – посветена на Целите за одржлив развој, во која УКЛО би имал важна улога. Таквата платформа би овозможила поинтензивна соработка и поврзување со сродни глобални иницијативи.

На средбата што се одржа на 18.11.2025 г. во присуство на проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ, разгледани се и конкретни форми за идното партнерство. Договорено е соработката формално да се зацврсти со потпишување Меморандум, проследен со заеднички активности што ќе ги унапредат врските помеѓу УКЛО и Канцеларијата на Обединетите нации во земјата.

More from ВестиMore posts in Вести »