Press "Enter" to skip to content

Убедлива победа на Пелистер во Кавадарци во беспрекорно одигран натпревар (фотогалерија)

Тиквеш – Пелистер 76:99

Кошаркарите на Пелистер од Битола се вратија на победнички патеки во Супер-лигата откако рутински стигнаа до бодовите на гостувањето во Кавадарци против Тиквеш (76:99), откако “пелистерци“ вечерва одиграа беспрекорен меч, беа импресивни пред се во нападот и јасно покажаа дека ја имаат оставено зад себе мини-кризата по двата порази во низа во претходните две суперлигашки рунди.

Од самиот почеток се играше израмнето на двете страни, а во таборот на Пелистер со неколку успешни реализации се истакна Малешевиќ. Битолчани први се одлепија на „плус пет“ на 12:17, нешто подоцна поведоа со 16:22 и имаа контрола до пред самиот крај на четвртината. Резултатот на една минута до крајот гласеше 24:28, но домаќините со пет поени во низа сепак ја добија четвртината со минимални 29:28.Вториот период донесе сосема поинаква слика на теренот, Пелистер продолжи со ефикасна игра во нападот, но „зелено-белите“ ја стегнаа и одбраната, умешно вртејќи го резултатот во своја полза.Четвртината почна со две тројки на Андреј Митревски, Брејси Дејвис се надоврза со своја серија, а кога во ритам влезе и Малешевиќ предноста стана и двоцифрена (40:50).Тиквеш ја преполови негативата на 47:52, но Малешевиќ погоди важна тројка со која Пелистер замина на одмор со предност од осум поени (47:55).

Второто полувреме почна со украдена топка и лесно положување на Стајиќ. Пелистер имаше и плус 11, но краткиот пад на концентрацијата им овозможи на домаќините да се вратат, па Даскаловски мораше да побара тајмаут при 60:63. Малешевиќ постигна важни четири поени по тајмаутот, а по новата тројка на Митревски „зелено-белите“ поведоа со 62:70.Одбраната беше на високо ниво, па со серијата украдени топки Пелистер поведе и со 62:78, предност задржана до самиот крај на третата четвртина (66:82).Тиквеш со две тројки намали на 72:82, но во вистински момент за Пелистер тројка постигна Стајиќ. Прецизен од далечина повторно беше и Митревски, па домашниот тренер побара тајмаут при водство на „пелистерци“ од 72:88.Работите на теренот не се променија, Пелистер продолжи да доминира и на крајот славеше со конечни убедливи 76:99.Малешевиќ и Брејси-Дејвис беа најефикасни во победничкиот тим со по 26 поени, а одличен придонес во победата имаа и Митревски со 19 и Стајиќ со 14 поени.

Фото: Сашо Ристевски