Ракометниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер денес во Битола ги започна подготовките за вториот дел на сезоната, а стартот беше без девет репрезентативци, кои ќе настапат на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, а и без новиот тренер Стевче Алушевски кој ќе ја започне работата официјално во понеделник.
“Пелистерци“ одржаа работен состанок и прв тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“, а тренингот го започна асистентот Алексо Лембанов.
-Еурофарм Пелистер ги започнува и овие зимски подготовки стандардно, без репрезентативците, со намалем ростер заради голем број на репрезентативци кои нстапуваат на ЕП. Ќе работиме на сите аспекти на ракометната игра, секако со акцент на физичката подготовка, но во секој тренинг ќе има и дел од ракометната игра. Ќе работиме во мали групи поради малиот број на ракометари на тренинг. До крајот на неделата ќе ги имаме Хаџиќ и Хаидарирад, а ќе бидат вклучени ракометари од вториот тим и од младинците кои ќе помогнат во тренажниот процес. Кога ќе дојде и новиот тренинг целиот стручен штаб ќе го донесе комплетниот план за подготовки. Секако амбициите се јасни двојна титула во Битола, рече Алексо Лембанов.
Комплетирање на ростерот ќе заврши со доаѓањето на Алем Хаџиќ и Саид Хаидарирад. Како ќе завршуваат со обврски на ЕП, така ќе се приклучуваат и репрезентативците што се на ЕП – Кузмановски, Ристевски, браќата Атанасијевиќ, Пешевски, Митревски, Хенигман, Тајник и Видомски.
Во текот на месец јануари Еурофарм Пелистер ќе се подготвува во Битола и ќе одигра неколку тест натпревари.
Првиот официјален натпревар во Суперлигата Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 7 февруари против Еурофарм Пелистер 2.
Лигата на шампионите продолжува на 19 февруари со домашниот дуел со Висла Плоцк.
Фото: Дамијана Ристевска









