Жанета Ристевска
-Гласот на Сефедин Бајрамов повеќе од четири децении ги раскажува најубавите љубовни приказни – тивко, достоинствено и со длабока емоција. Глас на серенадата, на романтични вечери и на срцето, со сензибилитет што потсетува на легендарниот Кемал Монтано, популарниот Сефко со право го носи епитетот “македонскиот Кемал Монтено“.
Сефедин Бајрамов ќе одржи концерт насловен „Прстен за неа“ – концертна вечер за срцето, љубов, спомени и музика на 12 февруари во големата сала на Центарот за култура во Битола. Тоа беше и повод за нашиот разговор.
Кажете ни за идејата на организирање на овој концерт?
-Идејата за концертот произлезе од организаторите во Центарот за култура во Битола, кои во последните години активно организираат концерти со цел промоција на македонската забавна и народна музика. Битола, како колевка на музиката и град кој знае да препознае и почитува квалитетна интерпретација, е вистинското место за вакви музички настани. На 12 февруари, непосредно пред Денот на вљубените, ќе се одржи мојот концерт – мал, но искрен подарок за битолската публика која ме следи низ годините. Насловот е симболичен: „Прстен за неа“ – вечер посветена на љубовта, спомените и емоциите што ни ги носи музиката. Публиката ќе има можност да ужива во песни од мојот опус, вечер кога љубовта ќе има глас.
Што претставува „Прстен за неа“ за Вас – како песна и како концертна приказна?
-Концертот го носи насловот “Прстен за неа“, по истоимената песна и албум што ги издадов во 2007 година. Таа песна и денес има посебно место во срцата на публиката, особено кај младите. Таа е музичко ветување – романтична приказна за љубовта и спомените што остануваат засекогаш, песна што допира и буди емоции кај секој слушател. Мои гости на концертот ќе бидат Ана Петановска, еден од најдобрите женски вокали на нашата сцена, и Виктор Апостоловски, кои со својот талент и музичка магија дополнително ќе ја збогатат вечерта и ќе ја направат уште поспецијална. Посебна благодарност упатувам до моите поддржувачи, кои на различни начини придонесоа да се реализира овој концерт: нолница “Плодност“ – Битола, “Еурофарм“, “Симпекс“, како и до Центарот за култура – Битола, без чија поддршка оваа музичка вечер немаше да биде можна.
Како и кога започна вашето музичко патешествие?
-Започнав да пеам како аматер со воениот оркестар на ЈНА во 1972 година, а веќе во 1974 бев прогласен за „Златен глас на Битола“, што ми даде самодоверба и го означи почетокот на мојата кариера. По служењето на воениот рок, настапував со групата „Хераклеа“ во туристичкиот Охрид, каде изведувавме староградска музика, серенади, евергрини и македонска забавна музика. Подоцна, со групата на Боцкино на летната тераса на „Корзо“, младите Битолчани уживаа во романтични звуци и интернационални хитови, создавајќи магија која и денес ја паметам. Во тој период, во 70-тите години, тоа беше место каде што младите излегуваа и се забавуваа. Се слушаше романтична музика, евергрини, интернационални хитови, но и староградска музика за душа. Во летните ноќи многу млади битолчани се вљубуваа и уживаа во тие звуци. И денес, се уште се саќавам на мирисот на топлите летни ноќи и романтичните звуци на песните. Секако, во тој период јас, како млад и амбициозен човек, имав желба да се промовирам и да настапувам подалеку. и токму таа желба го движеше моето музичко патешествие.
Низ својата богата кариера, настапувавте на најпрестижните сцени и фестивали, дома и надвор од земјата, носејќи ја македонската забавна музика како љубовно писмо до публиката. Кажете повеќе…
-Фестивалите беа вистинска сцена за промоција на пејачите, отворајќи врати кон поширокиот музички свет. Во 1981 година бев избран како претставник на нашата република во тогашна Југославија и настапив на Фестивалот во Опатија, како еден од најквалитетните пејачи, со песна од Александар Џамбазов. Настапот се одржа во хотелот „Кварнер“, во прочуената Кристална сала – место кое претставуваше врвно признание за секој изведувач. Таму настапив и по втор пат, во 1983 година, што за мене беше особена чест, бидејќи самото учество на овој фестивал значеше големо професионално признание.

На фестивалот во Опатија настапуваа најголемите имиња на југословенската музичка сцена – истакнати композитори, автори и изведувачи од сите југословенски републики. Се пееше во живо, со голем фестивалски оркестар.
-Тоа беше златен период од мојата кариера, време кога требаше да направам храбар чекор напред. Денес искрено признавам дека тогаш се исплашив. Имав прелиминарни разговори со Кемал Монтено за можна заедничка соработка, токму поради сличниот сензибилитет и начинот на изведба, но не заминав во Сараево. Причините беа повеќеслојни, меѓу кои и финансиските. Мојата музичка кариера продолжи во Република Македонија, а најмногу во Битола. Токму во тој период го добив и епитетот „македонски Кемал Монтено“, споредба која ми претставува голема чест, имајќи предвид дека станува збор за пејач со единствен квалитетен глас и исклучителна емоција.

Фестивалот „Серенада на Широк Сокак“, нераскинлив дел од летните ноќи на терасата на Офицерскиот дом кој има оставено незаборавни спомени кај сите битолчани што присуствувале, а Вие како пејач од неговите почетоци…
-Јас сум единствениот пејач кој настапувал на сите изданија на фестивалот „Серенада на Широк Сокак“ и добитник сум на награда за интерпретација. Овој музички стил – лирски и романтични песни – длабоко одговара на мојот сензибилитет и емоција. Доследен сум на својот музички пат и низ годините не дозволив да го изгубам сопствениот глас, иако оваа музика не секогаш оди по комерцијални патишта. Верноста кон она што го чувствувам и кон публиката што ме следи отсекогаш била мојот најсилен водич. Со таа искреност доаѓам и на концертот за душата „Прстен за неа“ – како тивок, но длабок поклон за сите што ја слушаат музиката со срце и веруваат во нејзината вистинска вредност.

Битолчанецот Сефедин Бајрамов повеќе од четири децении останува доследен на својот музички стил и сензибилитет, градејќи кариера заснована на искреност и длабока емоција. Во текот на своето богато творештво настапувал пред високи државници, меѓу кои и претседателот Киро Глигоров, адмиралот Бранко Мамула, како и пред генералот на турските вооружени сили. Настапувал по повод тргнувањето на „Штафетата на младоста“ во СФРЈ. Неговата музика одекнувала и надвор од границите – во Турција и Австралија, а оставил силен печат и со настапот на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“.
Симболично, неговата приказна се заокружува со песната „Снагата во Стамбола, душата во Битола“, посветена и испеана за нашиот Ајри Демировски – мост меѓу световите, како што и самата музика на Бајрамов отсекогаш била.
Фото: Дамијана Ристевска















