
Односите со другите луѓе треба да ни носат мир, сигурност, поддршка и разбирање. Но, понекогаш наместо да се чувствуваме добро, се чувствуваме : тажно, нервозно или исцрпено. Понекогаш луѓето што ни се блиски – партнер, пријател, роднина или колега – со своето однесување ни прават да се чувствуваме лошо. Таквите односи се нарекуваат токсични. Токсичните односи можат тивко да го нарушат нашето ментално здравје, самодовербата и чувството за лична вредност. Како изгледа токсичен однос.
Постојана критика
Секогаш кога ќе кажете свое мислење, другата личност ви вели: „Ти ништо не разбираш“, „Секогаш грешиш“, „Од тебе ништо нема да биде“. Со тек на време, почнувате да се сомневате во себе.
Контрола маскирана како грижа
Лицето ви вели: „Јас само сакам добро за тебе“, но ви забранува со кого да се дружите, ви проверува телефон или на пример ви кажува како да се однесувате, облекувате…
Постојаното предизвикување на чувство на вина
Кога ќе одбиете нешто, слушате: „По сè што направив за тебе…“, па на крај вие се чувствувате виновни, иако не сте направиле ништо лошо.
Непочитување на чувствата
Кога ќе кажете дека нешто ве повредило, добивате одговор: „Претеруваш“, „Не биди драматичен/на“, „Тоа е шега“. Вашите чувства се минимизираат и не се прифаќаат сериозно.
Емоционална исцрпеност
По секој разговор со таа личност се чувствувате уморно, нервозно или тажно, дури и кога ништо „лошо“ не се случило.
Зошто често ги трпиме овие односи?
Понекогаш мислиме дека така мора се плашиме да не останеме сами се надеваме дека лицето ќе се промени. Многу луѓе остануваат поради: страв од осаменост, надеж дека другата личност ќе се промени, ниска самодоверба. Но најчество преовладува чувство на одговорност или вина („Сигурно јас сум крив што се однесува на овој начин“). Тоа е така бидејќи другата личност со своето однесување тоа и го предизвикува. Важно е да се знае: никој не заслужува да биде повредуван за да не биде сам. Љубовта и пријателството не треба да болат.
Како да се заштитиме?
-Поставете јасни граници. На пример: „Не ми одговара да зборуваш со мене на тој начин.“ „Би сакал/а да ги почитуваш моите чувства“.
-Слушајте ги вашите чувства. Ако постојано ви е тешко – тоа е знак дека нешто не е во ред.
-Намалете контакт. Ако секој разговор завршува со стрес, дозволено е да се оддалечите.
-Побарај поддршка. Разговор со пријател, член од семејството. Разговор со психолог може многу да помогне, за да поставете здрави граници со личностите кои предизвикуваат да се чувствувате лошо.
За крај
Здравиот однос не предизвикува да се сомневате во себе, туку ве прави да се чувствувате спокојно и вредно. Ако некој однос ве повредува – имате право да кажете „доста“. Грижата за сопственото ментално здравје не е себичност – таа е неопходност.






