Кошаркарите на Пелистер од Битола во голем стил ја почнаа новата 2026 година, имаат четири победи на четири меча во Супер-лигата, па „зелено-белите“ полни со самодоверба влегуваат во новиот предизвик – завршниот турнир од Купот на Македонија што од петок до недела ќе се одржи во Куманово.
Вообичаено, на овој завршен турнир учествуваат осум екипи, а наш прв противник ќе биде токму домаќинот Куманово.
Противникот ќе ја има поддршката од трибините, но Пелистер сезонава веќе покажа дека знае како да слави среде Куманово, со триумфот од 79-87 кон средината на ноември 2025.
“Пелистерци“ бележат уште поголем раст во формата од тој период, што е добра увертира не само за четвртфиналето со кумановци, туку и за целокупниот турнир на кој „зелено-белите“ ќе сторат се за да стигнат до финалето, а потоа и да се закитат со толку посакуваниот трофеј.
Дуелот меѓу Пелистер и Куманово е „шлаг“ на петочниот кошаркарски маратон и ќе стартува со почеток во 19.30 часот.










