Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечер во Битола, со почеток во 20,45 часот играат против Висла Плок во Лигата на шампионите, а како рекоа на официјалната прес конференција тимот посакува добар резултат од тешкиот предизвик.
Дејан Манасков, го најави натпреварот и рече дека “пелистерци“ ќе ја бараат својата трета победа во овогодинешното елитно натпреварување, но мисијата секако нема да биде лесна, со оглед на противникот што ќе допатува во Битола.
-После подолго време се враќаме во Лигата на шампионите. Пред нас е еден многу тежок натпревар, во специфичен момент за екипата. Имаме нов тренер, но се трудиме да бидеме максимално подготвени за предизвикот. Работиме на усовршување на деталите за кои сметаме дека можат да го одлучат натпреварот и се надеваме дека можеме да победиме пред нашите навивачи. Висла игра многу агресивно во одбраната, нивните халфови излегуваат многу високо, затоа ќе мораме да имаме брз проток на топката и солиден напад во простор без топка. Ако дозволиме да прават многу фаули и прекини на играта, мислам дека ќе биде доста тешко за нас. Мораме да имаме одлична дефанзива и да знаеме што сакаме во нападот, изјави Манасков.








