Новиот Американец верува во добри изданија на „пелистерци“ како на денешниот дуел во Битола со Ангели, така и на сите мечеви до крајот на сезонава.
Распоредот за Супер-лигата е таков за по куп-паузата да се игра само едно коло, по што ќе следи нова пауза, овојпат за обврските на репрезентацијата во претквалификациите за Евробаскет. Пелистер својот меч од оваа рунда ќе го игра вечерва со почеток во 20 часот, на домашен терен во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
-Сакаме да одиграме квалитетен меч. Свесни сме за разликата во квалитет во однос на противникот, но нема да потцениме никого. Фокусирани сме само на нашата игра, да бидеме квалитетни на секој меч, без разллика кој е на спротивнта страна. Желба на сите на клубот е навивачите да бидат горди на Пелистер, верувам дека сме на добар пат“, вели Брендан Џенкинс.
Американецот кој последен пристигна во таборот на „зелено-белите“ не го крие задоволството што е беспрекорно примен во новата средина.
-Се чувствувам одлично, момците од првиот момент ме прифатија прекрасно и помогнаа адаптацијата да мине уште побрзо. Ми помагаат на теренот, но и надвор од него и навистина го ценам тоа. Пелистер има одлична екипа, играме максимално ангажирано на двата дела од теренот и верувам дека тоа ќе донесе уште подобри резултати како што ќе одминува сезоната, оптимист е Џенкинс.











