Шампионот на Македонија Еурофарм Пелистер доведе големо засилување на крајот на преодниот рок, со што дополнително се екипира за главните битки кои следуваат за сезоната. Кружниот напаѓач, Хрватот Никола Граховац ја пополни празнината по заминувањето на Мохамед Калед Валид на почетокот од годината, а доаѓа од бундеслигашот Вецлар.
-Минатата година кога се знаеше дека си одам од Веспрем, беше близу да дојдам во Еурофарм Пелистер, но заради други причини го одбрав Вецлар, ама бевме во клубот со контакт. Имавме таму некои спортски проблеми, па одлучив да дојдам тука. Лигата на шампионите е ранг повисоко, доаѓа и плеј-офот каде има дерби натпревари. За мене мислам дека спортски подобро е да играм во Битола. Се работи за балансирана екипа, ги знам играчите, сум играл против некои од играчите, сметам дека лани тимот заслужено беше шампион на Македонија и може и оваа година да биде повторно“, изјави Граховац.
27-годишниот пивотмен се обврза на договор со битолскиот клуб до крајот на сезоната, со опција и за следната. Тој доаѓа во Битола од бундеслигашот Вецлар.
201-сантиметар високиот Граховац има искуство од настапите на големата сцена, бидејќи во Лигата на шампионите играл за Загреб и Веспрем, а негов прв клуб е Дубрава.










