Младинскиот состав на Еурофарм Пелистер од Битола и оваа година ќе биде дел од завршницата на Лигата шампиони, со пто продолжува со своите настапи во елитната конкуренција.
Младите “пелистерци“ втора година по ред се дел од ЛШ, а минатата сезона преку Келце и Динамо Букурешт стигнаа до Келн и “Ф4“.
Оваа сезона, Еурофарм Пелистер, патува на квалификацискиот турнир во Пореч, што ќе се игра на 30 и 31 март, а прв ривал му е данскиот Алборг. Во второто полуфинале ќе се соочат Загреб и Фуксе Берлин, а победниците од двете средби ќе играат за место на “Ф4“.
Тимот е предводен од тренерите Фарук Мемиќ и Кире Митревски, кои и во минатата сезона беа предводници на тимот во ЛШ.
Во составот на тимот се голманите Јован Мацанковски и Василиј Пајковски, крилните играчи Павел Велјановски, Томислав Кебаковски, Лука Кочанов, Константин Бундалевски и Андреј Георгиев, бековите Тео Спировски, Владимир Марковски, Давид Здравковски, Стефан Василевски, Горазд Мијалчев, Иван Митровски и Александар Дуковски, како и пивотите Бојан Бојчевски и Јован Симоновски.











