Press "Enter" to skip to content

Пелистер пред плејофот: „Таскфорс“ клучен фактор, отворени прашања за тековните и старите неразјаснети долгови

Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола одржа прес-конференција во пресрет на плејофот, на која раководството стави силен акцент на улогата на „Таскфорс“ и Ацо Додовски, но и отвори сериозни прашања за наследените долгови од претходното раководство, како и за спортските амбиции и развојот на клубот.
Извршниот директор Филип Ивановски нагласи дека клубот останува транспарентен и отворен за јавноста, иако на средбата не присуствувале претставници од Општина Битола и навивачката група „Чкембари“.

Генералниот менаџер Марјан Илиевски потенцираше дека „Таскфорс“ и Ацо Додовски одиграле клучна улога не само во актуелното функционирање, туку и во периодот пред официјално да станат дел од клубот.-Важно е да се потенцира дека “Таскфорс“, и пред да влезе во клубот, одигра огромна улога преку “раситнување“ на ваучерот, иако тоа не беше негова обврска. Со тие средства се покри голем дел од затекнатите долгови од претходното раководство и клубот беше стабилизиран, истакна Илиевски.

Тој додаде дека поддршката од Ацо Додовски не е само формална, туку континуирана и суштинска за опстанокот на клубот.-Станува збор за човек кој во клучен момент застана зад Пелистер и помогна кога беше најпотребно, без да има обврска за тоа, нагласи Илиевски.

Според податоците, Општина Битола учествува со 250.000 евра, „Таскфорс“ со околу 100.000 евра, а вкупниот буџет е нешто под 400.000 евра. Дел од старите долгови се расчистени, но одредени обврски сè уште се исплаќаат по судски налози. Во тој контекст, од клубот отворија конкретни дилеми за начинот на кој се создадени овие обврски:

-Се поставува прашањето зошто биле потпишувани штетни раскини на договори со високи каматни стапки, поради што денес клубот плаќа и до петпати поголеми суми од првично договорените. Дополнително, нејасно е зошто не биле користени спогодбени раскини на договори, со кои клубот би бил заштитен од вакви финансиски последици.
Воедно беше потенцирана и улогата на поранешниот спортски директор:

-Во периодот кога спортски директор беше Мартин Јовановски, кој работеше про боно и вложуваше сопствени средства во клубот, постоеја механизми со кои клубот беше заштитен. Сепак, тој беше единствениот кој беше отстранет од функцијата, додека останатите раководни структури си поднесоа оставки, а дел од нив подоцна добија и нови позиции, беше истакнато.
Извршниот директор Ивановски нагласи дека клубот не остварува профит, ниту пак „Таскфорс“ има финансиски бенефит, туку станува збор за пример на општествена одговорност. Сепак, како што беше нагласено, во момент кога клубот, благодарение на овој спонзор, функционира стабилно и ги сервисира обврските, се појавуваат критики и притисоци од јавноста.

-Останува впечаток дека на некого му пречи што клубот конечно е поставен на здрави основи. Наместо поддршка, се создава негативна атмосфера во момент кога треба единство“, посочи Илиевски.

Во спортскиот дел, беше потенцирано дека и покрај ограничениот буџет, Пелистер континуирано бележи напредок – игра финалиња и е конкурентен на највисоко ниво, како на домашната сцена, така и во европските натпреварувања. Клубот сè уште нема освоено титула или куп, но амбицијата останува јасна.-Не сакаме трофеј по секоја цена. Доколку треба да го задолжиме клубот за да дојдеме до титула – тоа не е политика што ја прифаќаме. Нашата моќ е во спортскиот дел, и ако само тој сегмент беше пресуден, Пелистер досега сигурно ќе имаше освоено трофеј. Нашата цел е успех изграден на здрави основи, кој ќе трае, беше пораката од раководството.
Дополнително, беше потсетено дека и претходните раководства како јасна цел ја поставувале влез во најдобрите шест екипи, како стратешки спортски минимум за клубот. Токму во тој период за тренер беше ангажиран Марјан Илиевски, при што клубот редовно стигнуваше до завршниците и играше финални натпревари, што ја потврдува континуираната конкурентност на Пелистер. Воедно, беше истакнато дека клубот вложува и во иднината преку развој на млади играчи и стручен кадар.

-Во Пелистер има млади играчи на кои им е дадена вистинска шанса да се развиваат и напредуваат, а паралелно се создава и тренерски кадар кој е сериозно обучен и претставува значаен потенцијал за иднината на кошарката, беше нагласено.
Договорот со „Таскфорс“ истекува за два месеци, а засега нема официјални разговори за негово продолжување. Од клубот апелираа дека би било сериозна загуба ваков партнер да се повлече. Воедно, Илиевски најави дека нема да остане во клубот по завршувањето на сезоната и повика навреме да се реши прашањето со идното раководство. На крајот, од раководството испратија јасна порака до јавноста:

-Јавното мислење не го креира мнозинството, туку мала група од десетина луѓе кои континуирано, преку спинови и невистини, се обидуваат да ги пласираат своите лични фрустрации со цел директно или индиректно да станат дел од КК Пелистер. Тоа не се прави на ваков начин. Единствената адреса е сопственикот на клубот – Општина Битола, каде што треба да се понуди конкретен и подобар план од постојниот. Како раководство, ќе се бориме за највисок пласман оваа сезона и не се откажуваме од таа цел. Апелираме до сите да го поддржат својот клуб – Пелистер.-Со оваа прес-конференција сакаме јасно да ставиме до знаење дека не сакаме по нас да остане потоп, туку, напротив, да се гордееме со уште поголеми успеси на клубот во иднина. КК Пелистер е мапиран, кошаркарски препознатлив и со почит во регионот – и никогаш повеќе не смее да биде третиран како „маалско гранапче“, туку како сериозен спортски бренд, беше речено на пресот.

Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »