Press "Enter" to skip to content

Битола му оддава почит на Тихомир Јанчовски со монодрамата „Лидија или сè што знам за жените“ во UTOPIA

-Осма изведба во осум години – прва без авторот, во вечер посветена на неговото дело.

Битола се сеќава на Тихомир Јанчовски. А UTOPIA – местото каде што минатата година настапи ја продолжува таа меморија преку сцена. На 22 април, со почеток во 20:00 часот, во UTOPIA Private Business Club ќе се одигра монодрамата „Лидија или сè што знам за жените“, експериментална документарна форма базирана на поетскиот роман на Јанчовски.

Оваа изведба има посебна тежина, не само како театарски чин, туку и како омаж на автор кој остави силна трага на современата книжевна и сценска мисла. Јанчовски беше препознатлив по својот автентичен израз, интимен пристап кон темите и способноста личното да го претвори во универзално.

Монодрамата, во адаптација, режија и изведба на актерот Игор Трпчески, не следи класична драматургија. Наместо тоа, таа функционира како отворен процес и секоја изведба е различна, секој текст се преиспитува, секоја сцена се гради одново. Токму затоа ова ќе биде осмата изведба во осум години постоење на претставата и прва што се игра по прераното заминување на авторот.

Со музиката на Тони Миќевиќ, изведбата добива дополнителна интимност, бришејќи ја дистанцата меѓу сцената и публиката. Настанот претставува и продолжување на врската меѓу авторот и просторот, UTOPIA беше едно од местата каде Јанчовски настапуваше и комуницираше директно со публиката, оставајќи силен впечаток кај посетителите.

Со оваа изведба, Битола не само што се сеќава, туку активно го одржува жив неговиот глас.

Билетите се во ограничен број, по цена од 250 денари, а резервации се достапни преку официјалните канали на UTOPIA.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »