Пелистер од Битола вечерва го игра дерби дуелот од четвртото коло во плеј-оф доигрувањето, во кој „зелено-белите“ во Скопје со почеток во 20.30 часот му гостуваат на МЗТ Скопје. Противникот на “пелистерци“ им е добро познат, тим што доминира во мак-баскетот повеќе од една деценија, но тоа е само мотив плус, да се одигра квалитетно против најдобрите и со уште поголема самодоверба.
Пелистер го има победувано МЗТ во Аеродром, а одличната форма на тимот предводен од Даскаловски дава за право да се надеваме на уште еден ваков успех. Откако пред неколку дена убедливо го победија лидерот на табелата, “зелено-белие“ додаваат: зошто да не го повториме истото и против актуелниот шампион.
-Свесни сме за квалитетот на противникот кого максимално го почитуваме. Фактот дека имаме два пораза од МЗТ сезонава не менува многу, истото беше случај и со Кожув и со ТФТ, кои ги победивме во претходните две рунди. Шампионот е посебен предизвик и секако дека сакаме да славиме против него, но свесни сме дека тоа можеме да го оствариме само со максимална фокусираност во текот на сите 40 минути, како во нападот, така и во одбраната. Подготвени сме за тој предизвик, изјави Бобан Стајиќ.











