МЗТ Скопје – Пелистер 74:85
Пелистер уште еднаш покажа дека се наоѓа во страшна форма токму во клучниот дел од сезоната, откако вечерва на гостински терен го декласираше тимот на МЗТ Скопје со убедливи 74-85.
Битолските „зелено-бели“ по последниот триумф над лидерот ТФТ одиграа уште еден извонреден меч во кој целосно го надиграа актуелниот првак, на неколку минути до крајот имаа огромни „плус 23“ и јасно ставија до знаење дека се екипа од која ривалите треба да стравуваат во клучниот дел од сезоната.
Пелистер се соочи со проблеми на самиот почеток, откако МЗТ по нецели три минути игра поведе со 11-1 и го принуди Даскаловски во раната фаза од дуелот да го побара првиот тајмаут. Домаќинот имаше 13-1, нешто подоцна и 15-2, но Пелистер со четирите поени на Вилсон ја спушти негативата на едноцифрена разлика. „Зелено-белите“ ја стабилизираа играта, подобро ја завршија четвртината, па благодарение на реализациите на Митревски и на Лука Стојановски овој период од мечот заврши со 21-18 за МЗТ Скопје.
Охрабрени од одличниот финиш, „пелистерци“ одиграа одлична втора четвртина, со поените на Вилсон и на Стајиќ поведувајќи веќе на истекот на 11. Минута (21-22). Битолчани го одржуваа високото темпо и во нападот и во одбраната, МЗТ веќе не делуваше така сигурно како на почетокот, а Пелистер го искористи тоа за да ја преземе контролата над резултатот. Водството од минута во минута се зголемуваше, па со тројката на Брејси Дејвис „пелистерци“ стигнаа и до двоцифрена предност од 35-46, за на одмор да заминат со одлични девет поени предност (37-46).
Второто полувреме почна во сличен стил како и првото, Пелистер имаше проблеми во нападот, а МЗТ експресно се врати, намалувајќи на 44-46 со тројката на Дамјан Стојановски. Танасковиќ погоди тројка за 47-46, по што Даскаловски побара тајмаут откако неговиот тим три минути во второто полувреме не постигна ниту еден поен. МЗТ имаше и 49-46, но Брејси Дејвис постигна четири поени во низа и Пелистер се врати во минимално водство (49-50). Двата тима затаија во нападот извесен период, но битолчани први се разбудија, подобро ја завршија четвртината и по тројката на Андреј Митревски во последните десет минути влегоа со водство од 54-61.
„Зелено-белите“ продолжија со фуриозна игра на самиот старт од четвртата четвртина, стигнувајќи до најубедливи 13 поени предност (56-69), по што домашниот тренер мораше да реагира и да побара тајмаут. Ситуацијата на теренот, воопшто не се промени, Пелистер ја продолжи доминацијата, а во главна улога беше фантастичниот Брејси Дејвис, кој со тројка донесе најубедливи „плус 18“ (62-80). Пробиена беше и границата од „плус 20“ кога Џекинс постигна тројка за 62-83. Крстевски погоди за најубедливи 62-85, по што во самата завршница дојде до мало опуштање, што домаќините го искористија за да намалат на конечните 74-85.
Брејси Дејвис, кој блескаше во второто полувреме го заврши мечот со 18 поени, 7 скокови и 5 асистенции, еден помалку имаше Андреј Митревски, а двоцифрен ефект имаа и Стојановски со 16 и Џенкинс со 13 поени.
Оваа победа значи и дека на едно коло до крајот веќе нема дилеми, противник на Пелистер во полуфиналето од завршницата на сезоната ќе биде токму МЗТ Скопје.











