-Тони Соколов – Солза годинава, по четрт пат, односно четврта година по ред, доаѓа од Бризбен во Битола за изложување на неговите дела, а овој пат инспирацијата доаѓа од 1990 година, пред да се запише на Сиднејскиот универзитет.
Изложбата на минијатури “Ела поблиску“ вечерва свечено беше отворена во Завод и Музеј Битола, а пред големиот број битолчани, роднини, пријатели, другари и љубители на уметноста, Сандра Котевска, рече:
-Делата на Соколов не бараат да бидат “прочитании“ туку доживеани во тишината, во паузата помеѓу пулсирањето. Тие функционираат како фрагменти од една мистика на постоењето, на нешто што е одамна видено, но никогаш целосно разбрано. Апстракцијата овде не е дистанца од реалноста туку начин да се навлезе подлабоко во неа одејќи на потенката линија меѓу видливото и невидливото, меѓу сеќавањата и она што се насетува, меѓу сонот и стравот, светлоста и темнината, во мигот помеѓу појавување и исчезнување… и му заблагодари на авторот што преку овие дела ни овозможи колоротно доживување на самите нас.
“Ела поблиску“ не само што асоцира на тоа дека сликите треба да се гледаат одблиску поради нивниот мал формат како минијатури, туку станува збор и метафора за зближување еден со друг. За авторот и делата зборуваше другарката на авторот Татјана Димитровска, која рече:
-Со оглед на тоа што јас не сум ликовна критичарка во оваа прилика ќе кажам дека сум неизмерно среќна и сакам да ја изразам мојата благодарност и моето воодушевување, мојата радост и моето задоволство што мојот другар Тони Соколов, која самиот се претставува Солза, и оваа пролет како и претходно, допатува од Бризбејн и ни овозможи да ја доживееме магијата на неговите фацинантни слики од опусот “Ела поблиску“.
Тони Соколов – Солза за својата испирацијата и идеите за оваа зборка слики започнуваат во 1990 година, кога еден пријател му ја подарил книгата “Imaginaru Life“ од австралискиот автор Дејвид Малуф, а тоа се случило пред да се запише на Ликовната академија при Сиднејскиот универзитет.
-Мислите на Овид не ги опишуваат пејзажите кои завршуваат со хоризонти, туку тие се рефлексија на неговите внатрешни пејзажи, кои тој ги носи со собе во новиот простор на егзистенција. По 35 години, овие идеи се колоризираат во околу педесетина минијатури, во еден непрекинат ланец од слики. Сликите се пејзажи кои се целосно имагинарни. Тие не гледаат кон хоризонтот во недогоед, туку навнатре, во еден духовен немир, ќе каже авторот, кој на отворањето ќе додаде:
-Сакам да се заблагодарам на сите за поддршката, а за изложбата ќе кажам дека како идеја ја започнав пред 35 години, а сите слики се изработени оваа година. Идејата која се јави пред 35 години конечно созреа оваа година. Сите овие слики се прв пат изложени овде, во Битола намерно, и тоа се што ќе кажам за изложбата.
Во речиси сите слики, пејзажите се целосно лишени од живот – нема претстава на дрвја, треви или животни. Во тој смисол, тие се пустелии, но во ист дух се исполнети со катаклизми, турбуленции, со бурно движење на облаците, ветерот, сенките и светлината низ една неподвижна, замрзната земјена маса, без разлика на годишните времиња.
-Сакав сликите да бидат како елегиите на Овид – да претставуваат низа, како денови, понекогаш, иако денови, понекогаш, да создадат чувство на монотонија и повторување, а понекогаш и поетичност. Овид, според него самиот, бил прогонет поради carmen et error. Можеби… ќе напише авторот.
Тони Соколов, познат под уметничкото име Солза е роден во Битола. Неговите уметнички способности и хоризонти го одвеле во Австралија. Како сестран уметник во различни дејности се занимавал со цртање, сликање, вајарство, монументално вајарство во бронза, мозаици, па се до архитектура.
Текст и фото: Дамијана Ристевска











