Подготовките за четвртото издание на детската трка Мини Трчај бе влегуваат во својата завршна фаза, а организаторите потсетуваат дека пријавувањето официјално завршува утре, точно напладне.
На 13 јуни, битолското Шеталиште и Градскиот парк повторно ќе бидат во знакот на детската насмевка, спортот и забавата, кога стотици деца ќе го преземат градот и ќе станат главни јунаци на еден од најубавите семејни настани во регионот.
Секое пријавено дете ќе добие стартен пакет кој вклучува официјална маичка, торбичка и учеснички медал што ќе биде доделен по завршувањето на трката. Во пакетите ќе има и дополнителни изненадувања и подароци обезбедени од партнерите на настанот. Покрај учеството во трката, децата ќе имаат можност да бидат дел од бројни забавни активности, фотографирања и содржини кои традиционално го прават Мини Трчај бе еден од најочекуваните детски настани во годината.
За најуспешните учесници организаторите подготвија и специјални награди, додека сите деца ќе заминат дома со свој медал и спомени од ден исполнет со дружење, игра и спортски дух.
Организаторите ги повикуваат родителите кои сè уште не ги пријавиле своите деца да го сторат тоа во текот на денешниот ден и утрешното претпладне, бидејќи по 12:00 часот пријавувањето официјално ќе биде затворено.
На 13 јуни не се трча само за резултат. Се трча за насмевки, нови пријателства, самодоверба и спомени кои децата ќе ги носат долго по завршувањето на трката.






