
Во секојдневниот живот сите понекогаш се сомневаме во своите одлуки, чувства или сеќавања. Но, кога некој постојано ве убедува дека грешите, дека не сте разбрале правилно или дека вашите чувства не се важни, можно е да станува збор за гаслајтинг (gaslighting).
„Тоа никогаш не се случило.“
„Премногу си чувствителен/на.“
„Си замислуваш работи.“
„Секогаш претеруваш.“
„Не се сеќаваш добро.“
„Тоа е само во твојата глава“
„Претеруваш!“ …
Реченици што може да кријат психолошка манипулација и најчесто ги користат луѓето кои применуваат гаслајтинг(gaslighting).
Кога ваквите пораки постојано се повторуваат, човек почнува да се прашува дали навистина греши. Се јавува чувство на збунетост, несигурност и вина, дури и кога не постои реална причина за тоа.
Што е гаслајтинг (gaslighting) и како да го препознаете?
Гаслајтингот е форма на психолошка манипулација со која една личност се обидува да ја натера другата да се сомнева во сопствената реалност. Тоа не се случува одеднаш, туку постепено. Со текот на времето, жртвата почнува да ја губи сигурноста во себе и сè повеќе се потпира на мислењето на личноста која манипулира.
Најчесто се среќава во партнерските односи, но може да се појави и во семејството, меѓу пријатели или на работното место.
Потекло на зборот „гаслајтинг“
Терминот „гаслајтинг“ потекнува од англискиот збор gaslighting, кој своето име го добил од театарската претстава „Gas Light“ од 1938 година, а подоцна и од истоимениот филм од 1944 година.
Во приказната, сопругот намерно ги пригушува гасните светилки во домот, а кога неговата сопруга забележува дека светлината е послаба, тој ја убедува дека тоа не е точно и дека таа си замислува. Со текот на времето, тој ја наведува да се сомнева во сопствените сетила, сеќавања и здрав разум.
Токму поради оваа приказна, терминот „гаслајтинг“ денес се користи во психологијата за да опише форма на емоционална и психолошка манипулација во која една личност ја тера другата да се сомнева во својата перцепција на реалноста, своите чувства и сопствената проценка.
Како влијае врз менталното здравје?
Гаслајтингот е препознаен како штетно однесување кое може сериозно да влијае врз самодовербата, емоционалната стабилност и менталното здравје на личноста која е изложена на него.
Лицето може да стане анксиозно, да се чувствува беспомошно и да има потешкотии во носење одлуки. Некои луѓе почнуваат да бараат потврда од другите за секоја ситница затоа што повеќе не им веруваат на сопствените проценки.
Покрај тоа, може да се појават чувство на осаменост, емоционална исцрпеност и повлекување од блиските луѓе.
Што можете да направите?
Најважно е да им верувате на своите чувства. Ако некое однесување ве повредува или ве прави несигурни, вашето искуство е реално и заслужува внимание.
Корисно е да:
Водите белешки за ситуации кои ве збунуваат, Разговарате со личност на која ѝ верувате, Поставувате јасни граници во комуникацијата.
Побарате стручна психолошка поддршка доколку чувствувате дека ситуацијата влијае на вашето ментално здравје.
Порака за крај
Препознавањето на гаслајтингот е првиот чекор кон заштита на сопственото ментално здравје и градење односи во кои ќе се чувствувате безбедно, ценето и разбрано.
Здравите односи се темелат на почит, доверба и отворена комуникација. Никој нема право да ве убедува дека вашите чувства, мисли и доживувања не се важни.






