Македонија и оваа година ќе биде дел од „Глобал гејм џем“ (Global Game Jam), најголемиот меѓународен настан за креирање игри, што се случува во исто време на повеќе локации низ светот во вид на 48-часовен маратон, а ќе се случува во Битола и Скопје.
Целта на „Глобал гејм џем“ е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање, а оваа година во двата града се очекуваат повеќе од 350 учесници, што опфаќа девелопери, 2-Д и 3-Д уметници, инженери за звук, дизајнери на игри и продуценти.
-Сите кои сакаат да креираат игри и знаат да цртаат, моделираат, компонираат, програмираат, дизајнираат, мудруваат и продуцираат, па дури и оние кои само сакате игри, сте за тука, е пораката која ја упатуваат организаторите.
Цена на влезница за учесниците е 250 денари а со тоа добивате: непрекинат интернет пристап, оброци, грицки, пијалаци, простор за работа, простор за рекреација и одмор, забава и нормално, топли простории во зимските денови!
На ланскиот настан, кој се одржа на 803 локации во 108 земји, се сретнаа 47.000 џемери и беа создадени 8.606 игри. Македонија се приклучи во 2013 година од Скопје и Битола. Со досегашно учество на 1.500 професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери, создадени се прототипи на 142 видеоигри, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.
Инаку, “Global Game Jam“ е најголемиот светски настан за креирање на игри кој се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48 часовен маратон. Во 2018 година на Global Game Jam се сретнаа 47.000 џемери, се одржа на 803 локации во 108 земји и беа создадени точно 8.606 игри.






