-Има вечери што не се само забава – тие се враќање во времето кога музиката имаше душа, кога диско клубовите во Битола беа местото каде се создаваа пријателства, љубови и спомени.
-Под мотото „Ова не е само забава… ОВА Е ДОЖИВУВАЊЕ!“, на 17 јули (петок) со почеток во 21:00 часот, во Ноќен клуб „Расчекор“ ќе се одржи голема летна ретро журка No 8 посветена на легендарното диско „Орфеј“.
Летото е период кога во Битола се враќаат многумина кои живеат низ светот, а оваа журка станува место каде повторно се среќаваат стари пријатели, соученици и сите оние што некогаш заедно танцувале до раните утрински часови. Ова лето, духот на легендарниот „Орфеј“ повторно ќе оживее. За музиката ќе бидат задолжени DJ Ile The Hair и легендарниот DJ Николче Терзиевски, а специјален гостин ќе биде DJ Krazy Slave Keleshovski, кој денес живее во САД и специјално доаѓа во Битола за оваа вечер.
Приказната започнува на 20 јануари 1974 година, кога со работа започнувз легендарниот „Орфеј“, првиот диско клуб во Битола, а подоцна ќе се покаже – и првиот диско клуб во Македонија. Низ неговата историја зад диџејската пулт застанале врвни диск-џокеи кои оставиле неизбришлива трага во ноќниот живот.
Еден од нив е Славе Келешовски, кој своевремено важеше за еден од најдобрите македонски диџеи. Неговите настапи во „Орфеј“ создаваа атмосфера што и денес со носталгија се прераскажува.
Посебно место во историјата на клубот има и Николче Терзиевски. „Орфеј“ беше претесен да ги собере сите што сакаа да бидат дел од најдобрите забави. За да се избегнат гужвите, беше воведено правилото што стана легендарно – „Влез само парови“. Денес оваа реченица не е само правило од едно време, туку симбол на една незаборавна ера и дел од колективната меморија на битолчани. А секако тука е и Иле -Косата која ќе биде дел од ди-џејското трио на вечерта.
Организаторите ветуваат вечер исполнета со одлична атмосфера, дружење и музика во времето кога „Орфеј“ беше симбол на ноќниот живот.
Марио Трифуновски, сопственик на ноќниот клуб „Расчекор“ вели:
-Кога ја започнавме приказната со ретро журките „Орфеј“, целта не беше само да организираме уште една добра забава. Сакавме да ја вратиме емоцијата, да ги разбудиме спомените и да им дадеме можност на луѓето повторно да ја почувствуваат магијата на едно време кое остави неизбришлива трага во Битола. Секоја година гледам луѓе кои се прегрнуваат по многу години, другари од младоста кои повторно се среќаваат, парови што некогаш се запознале токму на подиумот на „Орфеј“, но и наши сограѓани кои живеат низ целиот свет и летниот одмор го планираат така што ќе бидат дел од оваа вечер. Тоа е најголемата потврда дека ова не е обична журка, туку настан со душа.
-Голема чест ни е што годинава повторно ќе настапи легендарниот DJ Николче Терзиевски, а специјално од Соединетите Американски Држави доаѓа и DJ Krazy Slave Keleshovski. Заедно со DJ Ile The Hair ќе создадат атмосфера каква што ја паметат генерации битолчани.Ги поканувам сите – без разлика дали некогаш биле дел од легендарниот клуб или едноставно ја сакаат добрата музика I – на 17 јули во 21:00 часот да бидат дел од една вечер исполнета со емоции, танц и безвременските хитови од 70-тите, 80-тите и 90-тите години, додава Драги Лажиовски – Брус Ли.
Некои приказни никогаш не завршуваат. Тие само добиваат нови генерации што ќе ги раскажуваат. „Орфеј“ е токму една од тие приказни“, Вечерта ветува многу повеќе од добра музика. Таа е можност повторно да се оживеат спомените, да се сретнат старите пријатели и уште еднаш да се почувствува духот на легендарниот „Орфеј“, кој и по повеќе од пет децении останува симбол на најубавите ноќи во Битола.
„Ова не е само забава… ОВА Е ДОЖИВУВАЊЕ!“











