
Расправијата на летен одмор, плажа ретко започнува поради партнерот. Најчесто започнува во нас. Она што со месеци сме го потиснувале најлесно се прелева во конфликт со личноста што ни е најблиска. Токму затоа, понекогаш најважното што можете да го понесете на одмор не е совршен план, туку подготвеност да се слушнете, да зборувате искрено и да покажете разбирање еден за друг.
Со месеци го очекуваме одморот. Конечно да се опуштиме, да си поминеме убаво, романтично време. За да создададеме заеднички убави моменти и спомени. Но, наместо идила, романтика често избива расправија – околу банални ситници на пример : паркинг, крпа, ресторан или нешто сосема ситно.
Зошто се случува ова?
Кога очекувањата се високи, а уморот, стресот и различните желби ќе се судрат, и најмалите недоразбирања можат да прераснат во конфликт. На одмор сме физички далеку од секојдневните обврски, но емоционалниот товар што го носиме не исчезнува со едно патување. Погледнете ги советите и споделете: Дали и кај вас најчестите расправии почнуваат токму на одмор?
Промената на локацијата не го брише она што со месеци се крие под тепих. Еве што навистина се случува:
Секој од партнерите има своја претстава за одморот.
Едниот сака да шета, да истражува, да се излежува на сонце цел ден, другиот сака да спие до пладне во соба и да се одмори. Тука не станува збор само за различни желби, туку и за различни потреби. Кога за нив не се разговара однапред, потребата на едниот за мир и одмор лесно може да се доживее како одбивање или незаинтересираност.
Одеднаш поминувате многу повеќе време заедно.
Во текот на годината сте тим за логистика – работа, деца, обврски, дом. На одмор таа трка запира и останувате еден со друг. Ако блискоста недостигала со месеци, токму тогаш тоа станува највидливо.
Уморот конечно излегува на површина.
Додека секојдневно функционираме во режим на преживување, работиме на „автопилот“, а обврските нè држат во движење. Но кога ќе забавиме и конечно ќе се почувствуваме безбедно, на површина излегува сè што долго било потиснувано – хроничен замор, раздразливост, тага, бес и разочараност. А партнерот, како најблиска личност, често станува местото каде што се истураат сите тие емоции.
Илузија дека морето ќе ја поправи врската.
Многу парови несвесно заминуваат на одмор со „куфер“ полн со нерешени конфликти, верувајќи дека: „Кога ќе отидеме на море, сè повторно ќе биде убаво.“ Но промената на географската локација не го менува начинот на кој комуницирате, ги решавате конфликтите или покажувате љубов и нежност.
Ситниците стануваат тригери
Кој што спакувал, понел? Кој го резервирал сместувањето? Што и каде ќе се јаде? Малите непријатности стануваат повод за големи расправии. Но темата речиси никогаш не е пешкирот. Тој е само последната капка што ја прелеала чашата.
Летувањето не го создава проблемот – само го прави повидлив.
Кога ќе исчезнат секојдневните обврски и притисоци, остануваме лице в лице со партнерот, но и со сопствениот замор, незадоволство и потреби. Затоа, наместо повторно да се вртите во круг околу истата расправија, обидете се да си го поставите прашањето:
„Што навистина се обидува да ни каже оваа расправија за нашите потреби?“
Расправијата на летен одмор, плажа ретко започнува поради партнерот. Најчесто започнува во нас. Она што со месеци сме го потиснувале најлесно се прелева во конфликт со личноста што ни е најблиска. Токму затоа, понекогаш најважното што можете да го понесете на одмор не е совршен план, туку подготвеност да се слушнете, да зборувате искрено и да покажете разбирање еден за друг.
Заклучок:
Летувањето не е тест за љубовта, туку огледало на односот. Тоа не ги создава проблемите, туку ги прави повидливи. Кога ќе исчезнат секојдневните обврски и ќе останеме еден со друг, на површина излегуваат и нашите неисполнети потреби, заморот и емоциите што долго сме ги потиснувале.
Наместо секоја расправија да ја доживувате како доказ дека нешто не е во ред со вашата врска, обидете се да ја разберете како порака. Прашајте се: „Што навистина ни недостасува во овој момент?“ Често зад лутината се крие потреба да бидеме слушнати, разбрани, прифатени или поблиски.
Запомнете, добрата врска не е онаа во која никогаш нема конфликти, туку онаа во која партнерите знаат да ги препознаат своите потреби, да разговараат со почит и заедно да најдат решение. Тогаш и одморот станува можност не само за одмор од секојдневието, туку и за повторно поврзување.






