-Постојат ѕидови што разделуваат луѓе… и ѕидови што ги соединуваат со вечноста…, таква беше изложбата “Жив ѕид“ на Никола Крнчев и Раде Најдовски од Битола која беше свечено отворена во Офицерски дом во Битола.
-Изложбата е дел од годинашниот Бит фест е и сублимат на нивното творештво кое украсува бројни храмови, сега во изложбен формат.
Деновиве во Офицерски своите дела ги поставија за битолчани Никола Крнчев и Раде Најдовски кои заедно творат од 2001 година, кога се обединуваат нивните творечки патишта, започнува едно исклучително плодотворно поглавје во современата македонска сакрална уметност.
Во текот на следните 25 години, до ова лето Господово, 2026-то, Крнчев и Најдовски создаваат како еден творечки организам, иако различни по животно искуство и професионален пат, но единствени во разбирањето дека фреската не е простор за лична експресија, туку служба во која талентот, знаењето и верата се спојуваат во едно.
-Нивните фрески и икони не настојуваат да ја импресионираат јавноста со ефектност или формални новини. Напротив, нивната сила произлегува од тивката доследност кон канонот, од внимателно градената композиција, од чистотата на цртежот и од колоритот што ја следи духовната смисла на претставата. Во нивното творештво се чувствува длабока почит кон вековната традиција, но и зрел авторски ракопис што достоинствено ја продолжува нејзината суштина. Нивните дела не се создадени само да бидат видени, ами доживеани, беше речено на оворањето на изложбата.
Овие двајца битолски уметници кои се истовремено и ученици и учители, претставуваат нераскинлива алка во еден синџир кој постои со векови, а во неколку скопчени децении од тие векови, Никола Крнчев и Раде Најдовски останаа верни на еден повик – ЗОГРАФ! Тие со своето творештво направија свој личен храм градејќи го од ТЕМЕЛ – што е историскиот развој на македонската сакрална уметност; градејќи СТОЛБОВИ – што е нивниот животен творечки пат, преку СВОД – што е нивното 25 годишно заедничко битисување, па сè до КУПОЛА – каде овој ЖИВ ЅИД престанува да е наслов и станува порака. Станува нашата молитва во боја која не завршува со последниот потег на четката. Продолжува да живее во секој поглед што ќе се задржи пред фреската, во секоја запалена свеќа и во секој тивок миг на човекот што ќе застане пред светителските ликови барајќи и давајќи утеха, сила или благодарност.
Никола Крнчев е роден во Битола 1948 година. Своите први чекори во светот на иконописот ги прави во ателјето на реномираниот руски сликар и иконописец Иван Мелников како еден од првите негови ученици и тоа во периодот од 1964 до 1968 година. Со тоа станува дел од непосредното пренесување на една голема зографска традиција. Тоа искуство не станува лишно достигнување, туку препознатливиот ликовен ракопис го споделува со новите генерации отворајќи простор во кој младите иконописци бесплатно учат, создаваат и созреваа и со тоа ја надминува рамката на авторството и станува член на духовно-морална одговорност.
Крнчев во 1966 година заедно со Мелников го изработуваат иконостасот за црквата „Св. Никола“ во Џонстаун, САД. Во периодот од 1994 до 2001 година остварува успешна и плодна соработка со својот долгогодишен пријател и колега Ристо Димовски. После одржувањето на двете големи изложби, 1995 година во Битола и 1996 година во Скопје, отвораат ателје во просториите на „Храм Пресвета Богородица“ кое за многу кратко време се претвора во бесплатна школа за млади таленти за иконопис. Школа од која под нивно менторство излегоа многу изградени, образовани и денес препознатливи иконописци. Заедно со сите деца кои беа дел од таа програма, 1998 година отвораат изложба како круна на заедничкото творештво.
Раде Најдовски е роден во Битола 1958 година. Дипломирал 1992 година и тоа на Филозофскиот Факултет во Скопје, отсек Историја на уметност со археологија. Од 1981 година работи во Центар за култура, Битола на повеќе работни места. Во периодот од 1981 година до денес, учествува на повеќе групни изложби, а остварува и голем број самостојни проекти. Својата прва самостојна изложба ја реализира во 2012 година, по што следуваат уште три самостојни проекти и тоа: 2020 година (втора самостојна изложба), како и циклусот насловен како „Македонско девојче 1 и 2“ (2024 година и 2025 година). Во 2000 година ги изработува престолните и апостолните икони во црквата „Св. Четириесет Маченици“ (Кркардаш) во Битола, а веќе од следната 2001 година ја започнува својата соработка со Никола Крнчев која успешно трае до ден денес.
-Тие двајцата, Крнчев и Најдовски своето мајсторство одлучија да го претворат не во свој личен капитал, ами во наследство. Токму како што и самите ја наследиле традицијата не за да ја зачуваат непроменета, ами за да и овозможат да продолжи да живее. И затоа, нашето сведоштво за животното дело на овие двајца соборци во уметноста, носи и чест и тежина. Нивниот плод е сведок на времето, чувар на духовната меморија и простор во кој генерации ќе ги впишуваат своите молитви, надежи и тишини. Да се биде зограф претставува редок спој на уметничка чувствителност, техничка зрелост и духовна дисциплина, па затоа во тој жив континуитет природно се вградува и нивната творба, беше речено на отворањето на изложбата.
-Постојат ѕидови што разделуваат луѓе… и ѕидови што ги соединуваат со вечноста. Македонската фреска отсекогаш му припаѓала на вториот свет. Таа е жив простор во кој бојата станува – молитва, а уметноста – литургија. Нашата црква е жив летопис на еден народ, а нашата македонска црковна уметност е жив духовен јазик што повеќе од еден милениум ја обликува културната и верската меморија на македонскиот народ. Развојот на нашата сакрална уметност претставува едно од највредните поглавја на европската и византиската културна традиција. Од средновековните храмови и манастири, преку блескавото наследство на Охридската Архиепископија и врвните дострели на византиската фреско-живописна школа па сè до денешните храмови…, ќе кажат авторите на изложбата.
Двајцата сакралното сликарство го согледуваат не само како творечки процес, туку како одговорна уметничка мисија што бара темелно познавање на историскиот развој, стилските особености и богословската симболика. Ги надополнува научната мисла и уметничката чувствителност и прави совршен баланс помеѓу почитувањето на традицијата и личниот ликовен израз. А нивната мисија се гледа во нивните дела, фрескоживописи, во храмовите во битолските села Суводол, Лера, Мегленци, Далеговци, Бучин, Могила, Маково, Раштани, како и во Демир Хисар, Доленци – Кичево, Галичник, Мелбурн, Канбера, Либан…, а имаат и голем број поединечни фрески.
-Ова е уметност што со векови ги поврзува земното и небесното. И сè дур постои надеж, вера и молитва… нашите ѕидови нема да молчат! Доживејте ја оваа изложба како празник и чествување на една традиција, бидејќи животот ЅИД е нашиот вредносен и морален компас! ЖИВОТОТ ЅИД е нашиот народен и духовен идентитет!, порачаа Крнчев и Најдовски.
С. Ристевски











