Еурофарм Пелистер од Битола продолжува со засилувањата за тековната сезона и официјално го ангажираше францускиот ракометар Саду Нтанзи, 26-годишен среден бек. Тој доаѓа од германскиот бундеслигаш Мелсунген и потпиша едногодишен договор со битолскиот клуб.
Нтанзи е производ на реномираната школа на Пари Сен Жермен, каде што помина четири сезони и освои четири шампионски титули во Франција, како и по еден Куп и Суперкуп. Тој ги има минато и сите младински селекции на француската репрезентација.
По заминувањето од ПСЖ, Французинот настапуваше за Феникс Тулуз, унгарска Татабања, катарски Ал Араби, а последно беше дел од Мелсунген. Со германскиот клуб обезбеди пласман во Лигата на шампионите за оваа сезона, откако минатата година го освоија трофејот во Лигата на Европа.











