Press "Enter" to skip to content

Битола ја добива манифестацијата која и прилега “Чкембе фест“

“ОД КОТЛЕТО НА ТРАДИЦИЈАТА ДО ИДНИНАТА НА ГАСТРОНОМСКИОТ ТУРИЗАМ”

 Во петок на 9 октомври започнува првото издание на “Чкембе фест Битола 2026“ со одржувањето на трибиата “Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во туризмот и угостителството“ а потоа и богата тридневна програма.

За трибината со која и официјално ќе започне оваа тематка манифестација Никола Никола Каровски, Дипломиран  Екомомист по Туризам и Угостителство, координаторот на манифестацијата “Чкембе фест за тоа што претставува оваа трибина вели:

-Покрај гастрономскиот, културниот и забавниот карактер на манифестацијата, особено значајно место во програмата има Првата меѓународна стручно-научна трибина за гастрономски туризам, која ќе се одржи на 9 октомври 2026 година во Кино „Манаки“ во Битола, со почеток во 12:00 часот. Темата на трибината е „Балканска кујна – традицијата и актуелните тенденции во туризмот и угостителството“. За нас ова е исклучително важен дел од „Чкембе Фест“, бидејќи сакаме да покажеме дека гастрономијата не е само храна. Таа е дел од културното наследство, туристичката понуда, локалната економија и можноста една земја и еден регион да се препознаат преку својата традиционална кујна. Целта на трибината е да отвори стручен и академски дијалог за значењето на традиционалната гастрономија во развојот на современиот туризам, културното наследство и локалната економија, но и да овозможи размена на знаења, искуства и добри практики меѓу научната јавност, туристичкиот и угостителскиот сектор, институциите и стопанството.

За тоа кој ќе биде дел од оваа стручна трибина, Каровски додава:

-Замислена е како место на кое ќе се сретнат различни професии и искуства поврзани со гастрономијата и туризмот. Поканети се туристички работници и туристички организации, хотелиери, ресторани, гостилници и меани, туристички агенции и водичи, локални производители на традиционална храна и пијалаци, претставници на институциите и локалната самоуправа, универзитетски професори, научни работници и истражувачи, експерти од областа на туризмот, угостителството, гастрономијата, културата и економијата, како и професори, наставници, студенти и ученици од туристичко-угостителските образовни институции. Сакаме ова да биде вистински дијалог меѓу науката, образованието, стопанството и практиката, а за конкретни стручни предавања вели:

-Програмата е конципирана со повеќе стручни предавања. Проф. д-р Науме Мариноски ќе говори на тема „Гастрономскиот туризам како мотив и предуслов за избор на туристичката дестинација“. Проф. д-р Сашо Коруновски ќе ја обработи темата „Улогата на традиционалната и автентичната храна во развојот на културниот туризам во Македонија“, додека проф. д-р Климент Наумов ќе говори за „Економските ефекти од понудата на македонската традиционална храна врз домашната економија во Македонија“. По предавањата ќе следува и панел-дискусија, со активно учество на присутните, посветена на можностите за развој на гастрономскиот туризам, зачувувањето на традиционалната кујна и нејзиното позиционирање како конкурентна туристичка вредност на Македонија и Балканот. Особено важно е што од заклучоците на трибината ќе бидат изготвени препораки кои ќе бидат доставени до надлежните институции, туристичките организации, високообразовните установи и стопанските субјекти.

Значи, ова не е само придружна содржина на фестивалот, туку има и своја конкретна цел?

-Апсолутно. Би рекол дека токму тоа е една од разликите што сакаме да ја направиме со „Чкембе Фест“. Од една страна имаме фестивалска атмосфера, традиционална храна, гастрономски натпревари, изложувачи, музика и забава, но од друга страна сакаме да отвориме и сериозно прашање: како традиционалната македонска и балканска кујна да ја претвориме во уште посилен дел од туристичката понуда? Нашата порака е дека традиционалната храна не треба да биде само нешто што го чуваме како спомен од минатото. Таа може да биде туристички производ, економска можност и инструмент за меѓународна промоција на Македонија. Тоа е и суштината на трибината, вели Каровски.

В сабота манифестацијата “се сели“ на плоштадот Магнолија, каде ќе биде и натпреварувачкиот дел, а за тие случувања Пеце Стојчевски од здружението “Еснаф“ вели:

-На плоштад “Магнолија“ стручната приказна ќе се преточи во фестивалска атмосфера. „Чкембе Фест Битола 2026“ ќе понуди гастрономија, традиција, култура, уметност, музика и дружење. Ќе имаме гастрономски натпревари во подготовка на специјалитети од чкембе, во кои ќе учествуваат натпреварувачи од ресторани, хотели, образовни институции и здруженија. Предвидено е натпреварите да се одржат на 10 октомври, а специјалитетите ќе ги оценува стручна жири-комисија. Паралелно со тоа, посетителите ќе можат да уживаат во организирана понуда на традиционална чкембе чорба од котел, како и во останатата гастрономска понуда.

Но фестивалот нема да биде само гастрономски…

-Не. И тоа сакам особено да го нагласам. Покрај гастрономските натпревари, ќе имаме изложувачи на македонско културно наследство, ракотворци и други изложувачи, со што ќе создадеме простор за презентација на традиционалните вредности и вештини. Нашата желба е посетителот да не дојде само да проба чкембе, туку да помине време на фестивалот, да види нешто автентично, да слушне музика, да запознае традиционален производ или ракотворба и да почувствува дел од битолскиот и македонскиот дух. Во рамките на манифестацијата, во „Магазата“ на Плоштад Магнолија, ќе биде поставена изложба со слики и карикатури од познатата уметничка Кети Радевска. За нас тоа има и посебна симболика, бидејќи нејзината слика на „Чкембарот“ е заштитен знак на „Чкембе Фест Битола“. На тој начин уметноста станува дел од фестивалската приказна, а „Чкембарот“ не е само визуелен симбол на манифестацијата, туку и дел од нејзиниот идентитет.

А секако, неизоставен дел од трите фестивалски денови ќе биде и музичката програма?

-Подготвуваме богата културно-забавна програма со настапи на познати битолски и македонски музички имиња, групи, фолклорни ансамбли и други изведувачи. Посебно ни беше важно да им дадеме простор на домашните, а особено на битолските уметници, бидејќи сметаме дека фестивалот треба да биде и своевидна сцена за локалниот културен и музички потенцијал. Носител на Договорот со Општина Битола и организатор е Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „ГУРМАН ПЛУС“ Битола, во соработка со Здружението за угостителство и туризам „ЕСНАФ“ Битола. Во подготовката и реализацијата се вклучени голем број партнери, учесници, угостители, изложувачи, уметници и музичари, а манифестацијата се реализира во координација со Општина Битола и надлежните институции, согласно условите и прописите за одржување на ваков тип на настан.

Со една реченица Каревски и Стојчевски го опишуваат “Чкембе Фест Битола 2026“, „Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам.“ Затоа што токму тоа е нашата идеја. Да земеме нешто што го наследивме од нашите предци – чкембето, традиционалната кујна, старите рецепти, гостопримството и битолскиот дух – и да го претставиме на начин кој ќе биде интересен за денешниот посетител, но и ќе отвори простор за идниот развој на гастрономскиот и културниот туризам.

Од 9 до 11 октомври, плоштад “Магнолија“ е местото на кое треба да се сретнеме. Добредојдовте на „Чкембе Фест Битола 2026“ – да ја споделиме традицијата, гастрономијата, културата, музиката и гостопримството на Битола.

More from БитолаMore posts in Битола »