Press "Enter" to skip to content

Совети од психолог: дали денес постојано живееме под туѓа проценка?

Денес, речиси секојдневно сме изложени на погледите, мислењата и проценките на другите. Објавуваме фотографии од себе, моменти од приватниот живот, успеси на работа, постигнувања во образование, професија… или нешто на што сме горди. А потоа, свесно или несвесно, почнуваме да броиме: колку лајкови добивме, кој ни коментирал, кој не (па и Зошто?), колку луѓе ја забележале нашата објава… Често  без да забележиме, нашите чувства или дури и  расположение понекогаш почнува да зависи од туѓите реакции.

Всушност прашање е на кого се докажуваме?

Социјалните мрежи можат да бидат корисни, да нè поврзуваат и да ни помогнат професионално. Но, не треба да дозволиме да станат место на кое секојдневно ја мериме сопствената вредност.

Кога изгледот станува поважен од личноста

Особено силен е притисокот врз жените. Од нив често се очекува да бидат убави, негувани, младолики и секогаш добро да изгледаат на фотографиите. Како да не е доволно да бидат успешни, образовани, паметни, силни и способни, туку мора и да изгледаат совршено. Фотографиите на социјалните мрежи често прикажуваат внимателно избрани моменти, идеално осветлување, филтри и обработени лица. Кога секојдневно сме изложени на такви слики, лесно почнуваме да се споредуваме и да ги забележуваме сопствените недостатоци. Брчките, килограмите, годините или некоја несовршеност што претходно не ни пречела одеднаш може да стане причина за незадоволство. Но, кога почнавме да веруваме дека мора да изгледаме беспрекорно за да бидеме прифатени и вреднувани?

Зошто изгледот толку често ја засенува суштината?

Жената може да биде одлична професионалка, успешна претприемачка, грижлива мајка, интелигентна соговорничка и силна личност. Но, наместо да зборуваме за нејзините способности и постигнувања, понекогаш или најчесто прво го коментираме нејзиниот изглед.

Како убавината да е поважна од знаењето, а младоста од искуството.

Секако, нема ништо лошо во тоа да сакаме да изгледаме убаво, да се негуваме и да објавуваме фотографии на кои се чувствуваме добро. Проблемот настанува кога тоа престанува да биде наш избор и станува обврска — кога чувствуваме дека мора да изгледаме совршено за да заслужиме внимание, почит или признание.

А што кога социјалните мрежи ни се и професионална работа?

За луѓето кои имаат сопствен бизнис или професионална страница, притисокот е уште поголем. Тие мора да бидат присутни, да објавуваат содржини и да останат видливи за клиентите. Така, работата може да се претвори во постојана изложеност на јавноста и споредување со конкуренцијата. Се прашуваме дали објавата е доволно добра, дали има доволно реакции и дали треба да направиме нешто повеќе за да привлечеме внимание. Кога на тоа ќе се додаде и притисокот секогаш да изгледаме убаво и професионално, лесно се појавува замор и чувство дека никогаш не правиме доволно.

Мора ли постојано да се докажуваме?

Не мора секој наш успех да биде објавен. Не мора секоја фотографија да биде совршена. И не мора постојано да добиваме потврда од другите за да знаеме кои сме и колку вредиме. Можеме да бидеме успешни и свои кога никој не го знае тоа. Можеме да бидеме убави на свој начин, без да се споредуваме со нереални стандарди. Можеме да бидеме силни, паметни и способни, без тоа постојано да го докажуваме пред јавноста. Можеби најголемиот предизвик денес е да научиме да правиме разлика меѓу тоа да бидеме видливи на социјалните мрежи и тоа да вредиме.

Нашата вредност е многу поголема од она што може да се прикаже на една објава или фотографија.

А вие, дали некогаш сте почувствувале притисок да изгледате подобро, да објавувате повеќе или да докажувате дека сте успешни, само за да бидете забележани и прифатени?

More from СоветиMore posts in Совети »