Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола ја започна кампањата за превенција од зависности, посветена на подигнување на свеста кај младите за последиците од злоупотребата на тутун, алкохол, дроги и психотропни супстанции, под мотото “ТВОЕТО НЕ Е ТВОЈА СИЛА“. Кампањата испраќа јасна порака дека одлуките што ги носиме денес можат да влијаат врз нашето здравје, личниот развој, образованието, семејството и иднината.
Првите превентивни активности се реализираа во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, каде што беше одржана едукативна работилница со дискусија и активно учество на учениците.
Пред почетокот на превентивните активности, претставниците на Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола имаа средба со директорката на средното техничко училиште – Жанета Сервини. На средбата беше овозможена координација за реализацијата на активностите, чија цел е подигнување на свеста кај младите за ризиците од зависностите, поттикнување на одговорно однесување и зајакнување на превентивната едукација во училиштата.
Превентивните активности ги спроведоа претставниците на Советот за превенција од детско престапништво Жанета Ристевска- лиценциран психолог, Митко Бошевски – адвокат и Дејан Патрногиќ – психолог во средното техничко училиште.
Преку разговор, размена на мислења и разгледување на реални животни ситуации, младите имаа можност да размислуваат за причините што можат да доведат до ризично однесување, влијанието на врсничкиот притисок и значењето на личната одговорност при донесувањето одлуки.
Една од централните пораки на кампањата „Твоето НЕ е твоја сила“ е дека младите не мора да прифатат ризично однесување за да бидат прифатени од своето опкружување. Напротив, способноста да постават граници, да го препознаат притисокот и самостојно да одлучуваат е знак на зрелост и лична сила.
„Не мора да пробаш сè за да докажеш дека си возрасен“, „Не, благодарам. Тоа не е за мене“, “Ако некој те почитува, ќе го почитува и твоето НЕ“ – овие пораки ја нагласуваат важноста на самодовербата, информираноста и храброста да се донесе правилна одлука, дури и кога таа е поинаква од одлуките на мнозинството.
Љубопитноста, врсничкиот притисок, осаменоста и желбата за прифаќање можат да влијаат врз изборите на младите. Затоа, превенцијата не подразбира само предупредување за штетните последици од зависностите, туку и разбирање на емоциите, потребите и околностите што можат да го направат младото лице поранливо.Преку работилницата беше посочено дека последиците од ризичните одлуки не завршуваат секогаш со моментот во кој се донесени. Злоупотребата на психоактивни супстанции може да има сериозни последици врз физичкото и менталното здравје, семејните односи, образованието и социјалниот живот на младите.
Посебен акцент беше ставен и на правните аспекти на однесувањето на малолетниците. На учениците им беше укажано дека при разгледувањето на правната одговорност се важни возраста, конкретната постапка и околностите во кои таа е преземена.
Претседавачот на Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола, Жанета Ристевска, лиценциран психолог, истакнува дека превенцијата од зависности бара континуирана работа со младите, отворена комуникација и создавање средина во која тие ќе се чувствуваат безбедно да поставуваат прашања и да ги споделуваат своите дилеми.
-Нашата цел е Преку едукативни активности, отворена дискусија и пораки што поттикнуваат на размислување, младите да станат свесни дека вистинската сила е во сопствениот избор, способноста да кажат „НЕ“ и одговорноста за својата иднина, рече Ристесвка.
Правниот дел го образложи Митко Бошевски, адвокат и заменик-претседавач на Советот, „Младите треба да ги познаваат своите права, но и да бидат свесни за правните последици од своите постапки“.
-Кога зборуваме за превенција од детско престапништво, особено е важно младите навреме да се запознаат со своите права, обврски и со последиците што можат да произлезат од одредени постапки. Кривичната одговорност не се утврдува само врз основа на намерата, туку и според конкретното дејствие, возраста на лицето и околностите на случајот, во согласност со законските одредби. Преку поврзувањето на психолошкиот и правниот аспект, кампањата има за цел да им помогне на учениците подобро да ги разберат ризиците, да ја препознаат личната одговорност и да донесуваат информирани одлуки, рече Бошевски.
Превентивните активности ќе продолжат и во други средни училишта во Битола во текот на ноември, месец посветен на борбата против зависностите.
Со оваа кампања, Советот за превенција од детско престапништво при Општина Битола продолжува да ја нагласува важноста на едукацијата, навремената превенција и активното вклучување на младите во разговори за теми што директно го засегаат нивното здравје, безбедност и иднина.






